Македонија

Прегазеното дете ги крена Ѓорчепетровци на нозе - протести поради незаинтересираноста на локалната власт

Револтирани и гневни пред камерата на Алфа ги критикуваа локалните власти дека останале глуви на нивните апели за безбедност во сообраќајот.

16.04.2018 17:33:13
Уште колку деца треба да бидат прегазени за на надлежните институции да им текне да постават светлосна сигнализација на улицата Борис Сарафов, прашуваат жителите од Ѓорче Петров кои по вчерашниот инцидент во кој автомобил удри десетгодишно дете се собраа на протести пред Основното училиште „Мирче Ацев“. 

Револтирани и гневни пред камерата на Алфа ги критикуваа локалните власти дека останале глуви на нивните апели за безбедност во сообраќајот .

Од Општината ја префрлаат топката на Градот Скопје. Оттаму пак само кусо велат дека ќе поставеле сигнализација на бараното место. Одговор зошто тоа досега не било направено, нема.  Жителите велат дека со овој проблем се соочуваат веќе подолг период и повеќепати барале да бидат поставени светлосна сигнализација и легнати полицајци, но наишле на отпор кај надлежните. 

Од министерството за внатрешни работи велат дека работат на расчистување на случајот.

Детето кое вчера вечер настрада на оваа црна точка било прегазено на пешачки премин. Задржано е на скопските клиники каде се следи неговата состојба. Лекарите велат дека таа е тешка но стабилна. Детето има скршеница на главата, крварење во мозокот и повреда на рамото. Локалните жители најавија протестен собир и за денес, пред училиштето „Мирче Ацев“ од 18 часот.



Meри Ѓорѓиевска