Економија

Скандалозни тендери во ЕЛЕМ: Миновски се правда опозицијата критикува

АД ЕЛЕМ нема намера да го поништи тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола.

15.04.2018 17:54:30
АД ЕЛЕМ нема намера да го поништи тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола. Откако од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предупредија дека има опасност од местење на тендерот и дека на него може да се пријави и да победи само една компанија во земјава и тоа по двојно повисока цена, директорот на ЕЛЕМ вели дека условите за аплицирање биле драстично заострени за да нема случаи, како досега, некоја компанија да прекине со ископ и да го загрози производството на струја на државно ниво. Смета дека во минатото имало случаи фирми кои иако ги исполнувале условите, да не можат да одговорат на потребите на ЕЛЕМ. Директорот Миновски е уверен дека дури 7 фирми имале капацитет да се јават на 5 милионскиот тендер на кој се бара да имаат ископано 900 илјади тони јаглен во последните 3 години, 1 милион м3 јаловина  или руда.

Од ЕЛЕМ немаат одговор како иста фирма за една иста работа може да понуди двојно повисока цена. Сега компанијата Пелистер може да добие над 5 милиони евра за работа за која претходно понудила два пати помалку. Пред само неколку месеци, по раскинувањето на договорот со Трансмет, на Пелистер му било понудено да склучи договор по цена од 45 денари за гигаџул, но фирмата  одбила. Потоа на итен тендер победила истата компанија, но со понудена цена од 87.8 денари за гигаџул јаглен. Од ЕЛЕМ не знаат како цените наеднаш рапидно пораснале, велат и во изминатите години се движеле околу 90 денари.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ЕЛЕМ е во паника и затоа влегува од скандал во скандал. Сметаат дека веднаш откако јавноста дознала за можното местење на тендерот, намерно и брзоплето почнале да додаваат нови услови во тендерот во обид да го скријат криминалот. Бараат од органите на прогонот навреме да реагираат и да го испитаат овој тендер.

Инаку понудите на тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола ќе се отвораат на 7 мај.

Тања Попова