Култура

Магдалена Ризова одбележува 25 години професионална актерска кариера

Театар Комедија вечер ќе ја изведе романтичната комедија „Дони Дарк“ по повод 25 години професионална актерска кариера на Магдалена Ризова.

14.04.2018 12:44:35

 Театар Комедија вечер ќе ја изведе романтичната комедија „Дони Дарк“ по повод 25 години професионална актерска кариера на Магдалена Ризова. Со оваа претстава  театарот ја почна соработката со Ризова минатата година, од кога е и идејата таа да има постојан ангажман во овој ансамбл. 

Во богатиот 25-годишен опус на Ризова се голем број улоги што ги одиграла на сцената на Македонскиот народен театар, меѓу кои во претставите: „Мртви души“; „Буре барут“; „Мурлин Мурло“; „Грев или Шприцер“; „Баал“; „Народен пратеник“; „Глембаеви“; „Слугинки“;  „Ревизор“; „Болва во уво“; „Вишновата градина“; „Оркестар Титаник“; „Аферата Елсинор“...

Двапати е наградена на МТФ „Војдан Чернодрински“ - за најдобар млад актер за улогата Мими во „Грев или Шприцер“ (1993) и за најдобра женска улога за Коробочка во претставата „Мртви души“ (1995). 

Магдалена Ризова има и три меѓународни награди - за најдобра епизодна улога на филмскиот фестивал во Лугано (1991) за улога во филмот „Вистина“; Награда за најдобра женска улога на фестивалот во Ливерпул (1994) за улога во претставата „Баал“ и Награда за најдобра претстава и најдобра женска главна улога на Балканот на Балканскиот фестивал во Софија (1998) за улогата Мурлин Мурло во истоимената претстава.