Црна хроника

МВР:12 лица вмешани во убиството на Наим Реџепи

Седумина од осомничените се од село Черкези, тројца од Куманово, еден од селото Опае и еден странски државјанин од Елбасан Албанија.

07.04.2018 16:47:27
Планирана акција за ликвидација. Се размотува клопчето околу убиството кое пред два дена се случи во тетовска Мала Речица пред седиштето на ДУИ. Полицијата има докази дека вкупно 12 лица биле вмешани во убиството на кумановецот Наим Реџепи. Еден од осомничените е во бегство, останатите се обезбедени од истражните органи. Седумина од осомничените се од село Черкези, тројца од Куманово, еден од селото Опае и еден странски државјанин од Елбасан Албанија. Судија на претходна постапка одредил притвор од 30 дена за 9 осомничени. Истрага на товар им става убиство и убиство во обид. Според полицијата, за време на претресите, пронајдени се пиштоли, некои од осомничените за нив немале дозвола, па кривична заработија и за нелегално оружје. 
Престрелката во Мала речица се случи во четвртокот после 18 часот. На пукањето му претходела расправија во седиштето на ДУИ. Според шпекулации во јавноста, две спротивставени групи од Куманово се сретнале на партиски состанок, караницата настанала за позиција во кумановскиот локален огранок. Недоразбирањата прераснале во тепачка, за на крај да се извадат пиштоли за да се пресметаат. Освен убиениот Реџепи, во престрелката, двајца беа повредени.  Братот на Наим, Сабри Реџепи,  имал повреди на нозете. 22 годишниот Форим Мусими е со тешки повреди од прострелни рани во градниот кош и е на лекување во Ургентниот центар во Скопје. 
ДУИ, се дистанцираше од инцидентот. Во јавноста излегоа со соопштение дека убиството не е поврзано со партијата. 



Катерина Гетева