Македонија

Република Горна Македонија и фазна промена на уставот – предлог по мерка на Меѓународната заедница

Република Горна Македонија/Republic of Upper Macedonia, a јазикот македонски/ Macedonian според уставот на Република Горна Македонија/ of the Republic of Upper Macedonia, со дообјаснување дека македонскиот јазик припаѓа на групата словенски јазици.

03.04.2018 18:18:18
 Република Горна Македонија/Republic  of Upper Macedonia, a јазикот македонски/ Macedonian според уставот на Република Горна Македонија/ of the Republic of Upper Macedonia, со дообјаснување дека македонскиот јазик припаѓа на групата словенски јазици. Алфа од дипломатски извори доби потврда дека ова е предлогот кој за меѓународната заедница би претставувал компромис меѓу основните, радикално спротивни позиции на Скопје и Атина во деценискиот спор за името. Решението за јазикот е според бугарската формула употребена за првпат во 1999 година во Декларацијата за пријателство со Македонија.

Според истиот предлог за државниот код во меѓународна употреба, кратенка која ќе се употребува и како интернет домеин би била РГМ од Република Горна Македонија или пак RUM од Republic of Upper Macedonia. Па така, во иднина наместо .mk сите македонски сајтови ќе завршуваат со rgm или rum. На пример Alfa.rgm или Alfa.rum. Според информациите на Алфа за националноста/државјанството најсериозна опција е граѓани на Република Горна Мaкедонија, oдносно на Republic of Upper Macedonia, иако Грција се уште ја преиспитува својата позиција за ова прашање. Што се однесува до најгорливиот проблем - Уставот, предлогот е тој да биде променет во периодот додека трае ратификацијата во националните парламенти на членките на НАТО по приемот на нашата земја во Северноатлантската алијанса.

Оваа варијанта за решение е опасна за Mакедонија затоа што не може да се претпостави што уште ќе се бара додека грчкиот парламент дозволи влез во НАТО и почеток на преговори за ЕУ. Доколку Атина инсистира на Горномакедонци и горномакедонски во промените на уставот, тогаш автоматски ќе мора да прифатиме промена на идентитетот. Грчката страна, како што е познато инсистира и на промена на членот 49 од Уставот кој се однесува на грижата на државата за македонското малцинство во соседните земји.

- Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство - стои во членот 49 од Уставот на Република Македонија.

Со евентуалната промена на овој член на уставот, Грција тврди дека ќе се заштити од некаков иредентизам кој доаѓа од македонска страна, но Македонија ризикува, освен што ќе се откаже од македонското малцинство кај јужниот сосед, да остане и без еден од главните столбови на кои почива македонската нација. Од своја страна премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров во повеќе наврати изјавија дека промена на уставот не може да има, а на таква позиција е и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Драган Милосављевиќ

 

Предавство!

Од: Игор Јанев

Време: 05.04.2018 12:51:41

Коментар: Најостро ја осудувам намерата на Владата да прифати антиуставна нестандардна процедура како преседан во меѓународното право, билатералниот Договор Заев-Ципрас за промена на името на државата, медијаторот Метју Нимиц да го поднесе на “прифаќање“ односно “ратификација“ во Советот за безбедност кој со препорака ќе го упати на потврдување во Генералното собрание на Обединетите Нации (како уверување пред Атина дека премиерот Зоран Заев трајно ја запечатил промената на името на државата Македонија).