Живот и стил

Музеј на златото во Богота

Голем број туристи го посетуваат Музејот на златото (Museo del Oro) во колумбискиот главен град Богота, каде е претставена „златната историја" на земјата.

02.04.2018 10:14:53

 Голем број туристи го посетуваат Музејот на златото (Museo del Oro) во колумбискиот главен град Богота, каде е претставена „златната историја" на земјата.

Музејот, основан 1939 година, содржи огромна колекција, односно околу 54.000 златни и други видови експонати, кои датираат од времето пред Колумбовите експедиции. Многу од предметите им припаѓале на Инките и Маите.

Музејот е единствен од ваков вид во светот и, за да се обиколи цел потребни се најмалку четири часа. Објектот се наоѓа во т.н. историски дел на Богота. Во него се изложени 34.000 предмети од злато, а годишно го посетуваат речиси половина милион туристи.

Во Музејот може да се видат златни маски, скулптури, оружје, како и експонати од дрво, бисери, керамика и коски.

Претставничката на Музејот, Ана Марија Гонзалес Галвис изјави дека сето тоа потсетува на историјата на оваа јужноамериканска земја, и дека целта е на посетителите да им се покаже златото - симболот на моќта на древните цивилизации.

- Ова злато им припаѓало на тукашните владетели. Работам во овој музеј веќе долги години, но секојпат кога имаме тури, има различни погледи на изложените предмети, рече Галвис.