Економија

Туристите зачудени од ѓубрето покрај патиштата - не се знае дали Општините ќе можат да се вклучат во чистењето

Со отпад и депонии долж патиштата и без патокази, странците се губат низ земјава. Поради лошата инфраструктура тие едвај можат да стигнат до посакуваната дестинација.

16.03.2018 15:03:52
 Со отпад и депонии долж патиштата и без патокази, странците се губат низ земјава. Поради лошата инфраструктура тие едвај можат да стигнат до посакуваната дестинација. Така е низ целата територија на Македонија. Ова го потврдуваат и претставниците на Европската Унија во земјава. 

„Прво нешто што го забележуваме е дека нема патокази, но исто така и дека има многу ѓубре наоколу. Во планините најдов ѓубре. Ова мора да запре. Вие заслужувате подобра животна околина и клима за да имате овде туристи. Бевме изгубени, во шумите и планините. Јас се повредив бидејќи немаше обележани патеки, ниту патокази“ - вели Никола Бертолини од делегацијата на ЕУ во Македонија.

Затоа со грантови обезбедени со европски и државни пари ќе се финансираат проекти за модернизација на патиштата, изградба на капацитети, туристички атракции, брендирање и друго. На вториот повик за овој проект што чини над 21 милион евра милиони евра, од кои 18 милиони обезбедува ЕУ, а остатокот државата, можат да се пријават општини, јавни установи, локални компании и други. Се уште не се знае колку од општините ќе можат да се пријават на овој повик, ако се знае дека кубурат со пари, а 10% од парите за проектите ќе треба да ги обезбедат сами.

И покрај напорите за развој на туризмот во сите изминати години, дури лани вкупниот број на туристи од 998 илјади луѓе се доближи до бројката од еден милион туристи кои во просек ја посетувале земјава во годините пред прогласувањето на независност. Се уште, еден странски турист, во просек престојува во земјава нешто повеќе од два дена.


Тања Попова