Економија

Штрајк на 300 рудари од САСА - бараат подобри услови за работа

Со транспарент “Сите заедно да го вратиме рударското достоинство” над триста рудари вработени во рудникот за олово и цинк САСА рано утринава го започна најавениот протест.

14.03.2018 17:59:39
 Со транспарент “Сите заедно да го вратиме рударското достоинство” над триста рудари вработени во рудникот за олово и цинк САСА рано утринава го започна најавениот протест. Протестот започна од пред автобуската станица во Македонска Каменица а рударите скандирајќи “бараме повисока плата за сите” се упатија кон рудникот САСА. Патот беше блокиран само за автобусите и камионите на рудникот.  Бараат повисоки плати и поголема безбедност во рударското окно. 
   
Најризичната работа, е и најнеплатена се жалат рударите. Со додатоци за ноќни смени во јама, поминат стаж  рударската плата одвај достигнува над триесетина илјади. Реагираат дека рудникот повеќе пари троши на естрадни уметници, отколку на нив.
 
Менаџерскиот тим на рудникот САСА за денешниот протест се изјасни вчера. За нив Мултиетничкиот синдикат за образование не е легитимен.

- Согласно одредбите од Законот за работни односи, протестот организиран од локалниотогранок на МЕСО е незаконски. Рудникот САСА досега имаше одлична соработка со вработените и нивниот легитимен синдикат које е дел од СИЕР - Синдикатот на индустријата,енергетиката и рударството, за што доказ се досегашните постигнати резултати во безбедноста при работа, платите кои се двојно поголеми од просечните плати во земјата и вложувањата во нова технолија и подобри услови за работа. -Соопштение од рудник „Саса“- Македонска Каменица.
 
 Рударите не отстапуваат од своите барања.  Протестите ќе продолжат се додека новото раководство не  седне да преговора со нив. 


Александра Ристевска