Македонија

37 години ЕСЗ Тигар – рамнодушност, жешко срце и чисти прсти

Веќе 37 години, Единицата за специјални задачи Тигар, не создава само стручно обучени специјалци, овде се создава карактер.

14.03.2018 14:50:45
Зад маската е нечиј син, татко, сопруг, големата љубов, човек кој на своите плеќи го носи товарoт на семејството, секојдневието. Но ова не се обични луѓе, ова се најдобрите. И ова не е приказна туку тоа се животи, а Тие своите животи секојдневно ги ставаaт на услуга на државата и граѓаните. Веќе 37 години, Единицата за специјални задачи Тигар, не создава само стручно обучени специјалци, овде се создава карактер. 

Припадниците на Тигар не залутале во Единицата од останатите полициски структури, овде се одбраните, оние кои можат да ги завршат најсложените полициски операции, да одговорат на најкомплицираните форми на организиран криминал. Нивната мисија е чесна, со својата работа ја штитат заедницата, чуваат и спасуваат животи, ги фаќаат оние кои сториле најтешки кривични дела.

Избрани сте бидејќи владеете со посебни вештини, но оние кои остануваат овде се честити и поштени. Oва е првото правило кое го учат најмладите припадници на кои им се дава шанса да станат дел од полициската елита. Нивната желба, ентузијазмот и мотивацијата не се единственото за да бидат дел до Тигар, сите имаат своја вредност и тежина, но секоја селективна и специјалистичка вежба става акцент на тимската работа. Овде почетниците се усовршуваат со години како би стигнале до прагот на елитата. Но не пукаат само од физичка сила и подготвеност, овде ја учат патеката на животот.

Триесет и седум години е доба на наследство, продолжување на традицијата која започна во 1981 година. Од своето основање, преку единицата поминале околу 700 членови, кои со својата заложба и жртвување напишале историја за оваа единствена елитна полициска единица.
Ова е куќата на спомените и на болните сеќавања, мермерната плоча стои на влезот од базата, како потсетник и завет на нивните загинати „браќа“ кои поставија високи професионални норми за идните генерации, вели командантот на единицата Митко Даневски.

-Единицата за специјални задачи, при извршувањето на задачите што ги добиваше во изминатиот период без оглед на заканите и предизвиците со кои се среќаваше се водеше од начелото на чесност, достоинство и патриотизам. Вршејќи ја својата должност 7 припадници на Единицата го дадоа најдрагоценото, ги положија своите животи штитејќи го уставниот поредок, мирот и безбедноста на граѓаните на Република Македонија. На овој начин поставија високи морални и професионални норми како пример за идните генерации – рече Даневски, командант на ЕСЗ  

Овие момци немаат слоган туку стратешка цел, во секое време да бидат подготвени на најдобар начин да одговорат на дадената ситуација, во корист на граѓаните.
Од Тигар се очекуваат сериозни резултати во борбата против криминалот и тероризмот, а министерот вети дека државата ќе вложува во оваа единица.

-За да имаме сигурни граѓани, мора да имаме мотивирана полиција. Мотивирана преку создавање и одржување на пристојни услови за работа, опремени со модерна опрема, функционална и ефикасна која ќе им овозможи брзо и ефикасно дејствување. Опрема и инструменти кои ќе им го заштитат животот, а тие ќе ја заштитат државата – изјави министерот Спасовски. 

На пригодната свеченост по повод роденденот на Единицата беа доделени плакети за 20 години во службата како и на најдобриот припадник на ЕСЗ.

Тие ја имаат најважната задача, одбрана на секоја педа од државата. Тигрите не доаѓаат секој ден на работа, тие ја живеат работата, а тоа што ги краси овие момци е рамнодушност, жешко срце и чисти прсти.




Катерина Гетева