Балкан

Европски ревизори: Претпристапната помош за Турција нe дава добри резултати

Европскиот ревизорски суд денеска соопшти дека финансиската помош од ЕУ за Турција во претпристапниот процес не дава добри резултати.

14.03.2018 14:03:30

 Европскиот ревизорски суд денеска соопшти дека финансиската помош од ЕУ за Турција во претпристапниот процес не дава добри резултати.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Судот смета дека резултатите од деветте милијарди евра дадени за Турција меѓу 2007 и 2020 година до претпристапните фондови,  биле „ограничени“ во деловите, меѓу другото, на независноста на судството, борбата против корупцијата и слободата на медиумите.

Иако ова не е директно поврзано со фондовите предвидени за сириските бегалци, еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос денеска изјави дека Европската комисија е свесна за недостатоците истакнати во извештајот на ревизорите и дека се преземаат мерки за справување со предизвиците на нискиот апсорпциски капацитет и назадувањето во делот на демократијата и владеењето на правото во Турција.

Соопштението на Судот доаѓа откако Европската комисија денеска го одобри вториот финансиски пакет од три милијарди евра помош за Турција наменети за сириските бегалци на нејзина територија.

Средствата од првата транша, во висина од три милјарди евра, од кои една милијарда од Буџетот на ЕУ и две милијарди од земјите членки на Унијата, беа наменети за неколу десетици проекти.

Во соопштението на ЕК се посочува дека средствата од втората транша ќе бидат искористени за создавање на поволни услови за бегалците во Турција.

Помошта е дел од договорот за мигрантите, што беше потпишан пред две години помеѓу Европска унија и Анкара. Еврокомисијата смета дека овој договор овозможи да се намали бројот на бегалци кои влегуваат на територијата на ЕУ.

Аврамопулос изјави дека бројот на бегалци е намален за 28 отсто во однос на 2014 година, пред да започне бегалската криза, но дека мигрантскиот притисок на границите на ЕУ останува голем, со 685.000 барања за азил во 2017.

Земјите членки на ЕУ и Европската Комисија допрва треба да се усогласат околу точната сума за помош на сириските бегалци во Турција.

Парите од помошта предвидена со договорот меѓу ЕУ и Турција одат за хуманитарна поддршка, но и за образовни цели, здравствени, социо-економски и инфраструктурни потреби на бегалците.