Македонија

Од утре вакцинација против „јазлеста кожа“

Од утре почнува вакцинацијата на говедата против болеста „јазлеста кожа“, соопшти денеска Aгенцијата за храната и ветеринарство (АХВ).

14.03.2018 12:40:25

Од утре почнува вакцинацијата на говедата против болеста „јазлеста кожа“, соопшти денеска Aгенцијата за храната и ветеринарство (АХВ).

Вакцинацијата ќе трае до 31 мај, а се спроведува согласно Годишната програма за здравствена заштита на животните од страна на овластените ветеринарни друштва.

- Со 230.000 дози од вакцината, донација од ЕУ, опфатена ќе биде целата популација говеда во земјава. Болеста „јазлеста кожа“ во земјава засега е ставена под контрола благодарение на претходните вакцинални кампањи и засега нема појава на нови случаи, информира Агенцијата.

Последниот случај на оваа болест кај говедата, по појавувањето во 2016 година, е евидентиран во јуни 2017 година во Кривопаланечко.

Според АХВ, паралелно со вакцинацијата против „јазлеста кожа“, во Ветеринарно информативниот систем на АХВ ќе се внесуваат географските координати за секое одгледувалиште одделно, со цел олеснување на постапката за контрола и исплата на субвенциите за сточарите.

За да се добие реална слика за бројната состојба на оваа категорија животни во фармите на цела територија на Македонија, ветеринарните друштва ќе ги ажурираат и податоците за бројната состојба на говедата во фармите, а со овој процес, првпат ќе се спроведе и попис на копитарите (коњи, магариња, мазги и мулиња), активност која треба да заврши до крајот на летото.