Свет

Мрачното минато на идната директорка на ЦИА

Ако Сенатот на САД го потврди изборот на Џина Хаспел, таа ќе биде првата жена, која ќе раководи со американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).

14.03.2018 12:13:26

Ако Сенатот на САД го потврди изборот на Џина Хаспел, таа ќе биде првата жена, која ќе раководи со американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).

Откако вчера Трамп го разреши државниот секретар Рекс Тилерсон, а на негово место го именува досегашниот директор на ЦИА, Мајк Помпео, за негова наследничка ја предложи Хаспел, досегашната заменичка директор на Aгенцијата. 

Хаспел е позната како раководител на таен затвор на ЦИА на Тајланд, во кој осомничените за тероризам биле измачувани. 

- Хаспел, која има големо искуство во ЦИА во странство, раководеше со таков затвор кус период во 2002 година, кога со техниката симулација на давење се измачувани Абу Зубајадах и Абд ал Рахим ал-Нашири, изјавија неименувани претставници на ЦИА.

Тие додаваат дека Хаспел, исто така, учествувала и во уништување на видео снимка од симулација на давење на затвореници. Поради уништувањето на снимката беше покрената и истрага од страна на американското Министерство за правда, што заврши без подигнување на обвинение.

ЦИА последен пат ја употреби симулацијата на давење пред повеќе од 10 години. Таквата тактика на испитување на осомничените за тероризам беше одобрена од администрацијата на поранешниот претседател Џорџ Буш Помладиот.

Хаспел работи во ЦИА од 1985 година и раководеше со повеќе канцеларии во странство.

Американскиот сенатор Џон Мекејн изјави дека „Хаспел треба да ја објасни вмешаноста во програмата за испитување на ЦИА“ пред Сенатот да ја избера за директорка на Агенцијата.

Претставник на организацијата Американска унија за заштита на граѓанските слободи, Кристофер Андерс побара од ЦИА да објави документи за активностите на Хаспел поврзани со мачењето на затвореници, пред Сенатот да одлучува за нејзината нова функција. 

- Џина Хаспел беше централна личност во еден од најнелегалните и најсрамни поглавија на модерната американска историја, посочи Андерсон.

Групите за заштита на човековите права остро реагираа и во февруари минатата година, кога Хаспел беше именувана за заменик директор на ЦИА поради нејзините активности во минатото