Македонија

Поплавата им однесе се, Државата ги заборави

Вистинска драма се случува скоро месец и половина во гетоизираната ромска населба на улица ``Прилепска`` во Кичево, непосредно до Зајачка река.

13.03.2018 17:40:27
Вистинска драма се случува скоро месец и половина во гетоизираната ромска населба на улица ``Прилепска`` во Кичево, непосредно до Зајачка река. Суровата природа на втори и трети февруари, со надојдените води ја поплави оваа населба и си поигра со судбината на 195 семејства и над осумстотини луѓе, однесувајќи им ја покуќнината. Им ветија помош, а не добија речиси ништо. Денеска се собраа пред своите огништа, да си ги кажат своите маки пред објективот на нашата камера.

- Ветија дека ќе не поддржат во секој смисол, а само не поддржаа со по еден пакет храна со по дветри риби и кажуваат дека дале сто душеци, петсто ќебиња и тоа е лага- рече Сабаедин Мустафовски.- Нема каде да спиеме, немаме ниту кревети ни каучи, се ни е поплавено и децата ги разболевме- рече Фердим Ајрединовски.-Чекаме месец еве два фати, гревота сме имаме деца некои по девет деца. Како стока и гојда спиеме- рече Срвет Каџабировска.- С`е реката ни однесе со водата. Малку државата да поведе сметка за нас- рече Абедин Нушевски.- Да се донесе се што треба, инаку опасно ќе биде- рече Али Исмаиловски.

Од локалната власт на Кичево, велат дека нивната комисија извршила проценка на штетите и сега на потег е Владата, за да ја исплати ветената еднократна помош.

- Ние интервениравме со нашата механизација и после тоа формиравме комисија, која излезе на терен и изврши увид на поплавените места и изготви извештај. Извештајот помина на Советот на Општината во Кичево и со донесениот заклучок се препрати во Владата- рече Емин Насуфи, шеф на кабинетот на кичевскиот градоначалник.

Но, очигледно, поради сложените бирократски процедури на државниот апарат, гласот на беспомошните и немоќните  тешко се слуша до таму, иако тука има и гладни и боси, и немоќни и фамилии што немаат каде да спијат.

Зајачка река во Кичево, на најможен суров начин ја покажа својата лоша нарав на почетокот од минатиот месец и сега, над осумстотини жители на улица ``Прилепска`` поминуваат низ голготи борејќи се за гола егзистенција и на работ од своите животни можности. Барем засега институциите на Државата молчат и нивниот глас никој не го слуша. Ѓе имаме ли некаква помош за овие луѓе? 



Петар Стефановски