Македонија

Грците со Коѕијас си играат ќе дојде- нема да дојде во Скопје

Дали Коѕијас со задоцнување ќе пристигне во Скопје ? Грчките медиуми со различни информации.

13.03.2018 15:24:37
Дали Коѕијас со задоцнување ќе пристигне во Скопје ? Грчките медиуми со различни информации. Додека Катимерини пишува дека посетата на Скопје не би можела воопшто да се случи пред крајот на март затоа што и покрај симболичните отстапки на македонската влада за Грција и понатаму е важно Македонија да направи уставни промени, Та Неа пишува дека шефот на грчката дипломатија на 22 март ќе слета на преименуваниот аеродром во Скопје. 

Во меѓувреме Коѕијас на 15 март заминува во официјална посета на САД. Останува прашањето дали Македонија е оставена на чекање поради пополнетата програма на грчкиот министер за надворешни работи или пак неговото доаѓање сепак зависи од тоа какви чекори ќе преземе македонската Влада во врска со јасно поставените грчки црвени позиции. 

Од друга страна Димитров денес на прашање на Алфа за коментар за позициите на Грција и изјавата дека ако се повторуваат позициите јавно тие стануваат црвени линии, одговори дека покорисно било да се зборува за цели а не за позиции. 

Никола Димитров - Убаво ќе биде Македонија и Грција да се натпреваруваат кој ќе има поевропски приод во овој билатерален спор, во смисла на разбирање на другиот и во смисла на вградување на европските вредности и принципи во ставот и приодот спрема прашањето. Сметам оти на тој начин ќе имаме поголеми шанси за вистински да се надмине разликата и да дојдеме до компромис кој ќе биде прифатен од граѓаните на двете страни.
Денеска поддршка за пат кон ЕУ и НАТО, Македонија доби и од официјален Загреб. Но со јасна цел, дека освен реформите, потребно било разрешување на отворените билатерални прашања како името. 

Марија Пејчиновиќ Буриќ, министер за надворешни и европски прашања на Хрватска - Штом ќе се реши прашањето со името, кое сметам дека е единствена пречка во моментот за да се отворат преговорите и во ЕУ и во НАТО, Република Хрватска ќе ја даде својата поддршка. 

Додека Македонија го чека нацрт- договорот кој засега е познат само на грчкиот државен врв, шаховски потези се прават и со доаѓањето на Коѕијас во Скопје. Опозицијата во Атина жестоко му замери на премиерот Ципрас дека не обезбедил ни минимум услови за да има заемно прифатливо решение со Скопје. Ципрас пак остро нагласи дека нема поместување од црвените линии, ни од ставот за промена на македонскиот Устав.


Лепа Џундева