Економија

Владата на Заев се задолжува со нови 93 милиони евра: со аукција на државни хартии од вредност, се пополнуваат буџетски дупки

Владата се задолжи со нови 93 милиони евра на домашниот пазар. Овој пат на подолг рок. Ова е трето задолжување во рок од три недели, откако претходната недела државата се задолжи за 56 милиони евра, а пред тоа за 33 милиони евра.

13.03.2018 17:28:15
 Владата се задолжи со нови 93 милиони евра на домашниот пазар. Овој пат на подолг рок. Ова е трето задолжување во рок од три недели, откако претходната недела државата се задолжи за 56 милиони евра, а пред тоа за 33 милиони евра.

Парите се собраа преку аукција на 3 годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 16 милиони евра, 2 годишни обврзници во вредност од скоро 10 милиони евра и 12 месечни државни записи во износ од 67 милиони евра.

На овој начин пари вообичаено се собираат за финансирање на тековни расходи и за буџетски потреби, но аналитичарите велат дека треба да се внимава, односно парите да се искористат рационално. Сугерираат реализација на капитални проекти, како на пример завршување на автопатските делници, што би значело поврат на парите.

Со најновото задолжување, од почетокот на годинава, Владата ја задолжи земјава за 818 милиони евра, а од формирањето на новата влада за милијарда и пол евра. Истовремено и ги враќаше доспеаните долгови на домашниот пазар. 

Сепак, ниту задолжувањето дома и надвор не и помогна на економијата да постигне солодни резултати. Лани имавме економска стагнација, за 110 милиони евра помалку странски инвестиции отколку во 2016-та и далеку под очекуваниот раст на кредитирањето на бизнисот.
Аналитичарите велат дека лошите резултати во голема мера се должат на неподготвеноста и лошата координација меѓу министерствата и институциите.



Тања Попова