Економија

Економијата на работ на рецесија - потребни сериозни стимулации

Без воведување на мерките за помош на фирмите и изградба на автопатите не може да се очекува да се оствари очекуваниот раст на економијата од 3.2% годинава.

12.03.2018 17:41:33
Без воведување на мерките за помош на фирмите и изградба на автопатите не може да се очекува да се оствари очекуваниот раст на економијата од 3.2% годинава. Вицепремиерот Анѓушев признава дека економијата не може да потпре само на зголемување на трошењата на домаќинствата. Сепак, мерките за помош на фирмите ќе почекаат. Планот за економски раст утре треба да помине на Влада, а допрва ќе се гласа во собранието. Фирмите веќе ги поднесоа финансиските извештаи, ќе аплицираат во април, но првите пари најверојатно ќе ги добијат дури на лето.

За растот од нула отсто, односно економската стагнација лани, Владата се правда со промената на власта и политичката криза. Анѓушев потенцираше дека лоши резултати биле остварени во првата половина од годината, но постепено стопанството закрепнувало. Бројките покажуваат пад на двигателот на економијата – градежништвото за дури 20% во последните три месеци лани и минус 13.7% за цела година. Се уште се доцни со потпишување на анексот за доизградба на автопатот Кичево - Охрид, најголем незавршен градежен проект во моментов. Анѓушев вели дека подобро да се доцни отколку да се згреши и да трпи буџетот.

Владата очекува економски раст од 3.2% годинава, исто колку и проекциите на Светска Банка и Меѓународниот монетарен фонд. Сепак, ланските резултати покажуваат дека годинава значително треба да засилат инвестициите за да се остварат очекувањата. Лани банките им дале за само 2.8% повеќе кредити на компаниите, а странските инвестиции беа за 110 милиони евра помали отколку во 2016-та година.

Тања Попова