Македонија

Закани со кривични пријави, уцени, заплашувања, деградации, притисоци

Закани со кривични пријави, уцени, заплашувања, деградации, притисоци. Со сето ова се соочуваат синдикалците, тврди Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати.

12.03.2018 15:25:57
Закани со кривични пријави, уцени, заплашувања, деградации, притисоци. Со сето ова се соочуваат синдикалците, тврди Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати. Според него, власта се обидува да ги лажира изборите во организациите, но и да основа нови паралелни синдикати кои би го поткопале легитимниот.

-Во Синдикатот за администрација и државна управа имавме избори во синдикалната организација на агенција за вработување на Република Македонија, а ден претходно шефот на кабинетот и директорката на таа агенција шетаа низ сите нивни подружници за да направат притисок да биде избран нивни член. Дисциплински постапки имаше и за претседателот на синдикалната организација за државен инспекторат за земјоделие, шумарство и водостопанство. Се делеа истапници на вработени по масите со уцени и заплашување дека мора да отстапат од нашиот синдикат, вели Благоја Ралповски- Претседател на Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија.

Европските и меѓународните синдикални организации веќе упатија писма до Министерството за труд, но и лично до премиерот Зоран Заев со барање да запрат притисоците, но тие не вродија со плод.
-Очигледно е дека некој има налог и има желба да ја растури Конфедерацијата на слободни синдикати, поради нашата смелост да проговориме и да си ги бараме нашите права што ни следуваат согласно законот и колективните договори, изјави Ралповски.

КСС еден месец бара средба со премиерот. Доколку не добие позитивен одговор, најавува порадикални мерки.



Сања Трајковска