Македонија

Двојазичност по секоја цена - премиерот не се откажува од неуставниот закон

Заев потклекна на притисоците на неговите коалициони партнери, законот морал да се донесе оваа недела.

12.03.2018 17:43:23
Заев потклекна на притисоците на неговите коалициони партнери, законот морал да се донесе оваа недела. Доволно време било дозволено за дебата, и сите веќе кажале што имаат да кажат за законскиот текст, тврди Заев, иако стручната јавност непрестајно предупредува дека тој е неуставен, дека никогаш не беа поканети да учествуваат на собраниските комисии, како и дека исфорсирано е под закрила на европското знаменце само да се протурка. 

Наспроти фактот дека ако нема трето читање согласно Деловникот тоа е повреда на правилата, премиерот убедува дека ќе се донесел со почитување на демократските процедури и законите. Свесна контрадикторност или не: како е возможно 35 илјади амандмани да се расправаат, па и да се изгласаат до крајот на неделата?
-Порано овие закони се носеа по самото завршување на парламентарните избори, сега дадовме девет месеци дебата. Сите кажаа се што имаа да кажат. Тоа е оневозможено уставно право на граѓаните од другите етнички заедници. Нека се донесе Законот, нека се спроведе и ќе видиме сите дека не било ништо толку тешко и трагично, туку ќе овозможи полeсно да се разбираме едни со други – рече Заев. 

Понудата од лидерот на опозицијата, да го поддржи за сите реформски закони само да се откаже од неуставниот закон за јазици, Заев ја искоментира како копи-пејст делување на Мицкоски по теркот на неговиот претходник Груевски. Од ВМРО ДПМНЕ пак порачаа дека со носењето на законот СДСМ ќе и направи трајна и непоправлива штета на државата. 
-Ќе се испрати порака дека процедурата и законите не важат кога постои сила. Правото да се предлагаат амандмани за подобрување на законите ако се погази еднаш ќе се гази и во иднина, а така веќе нема демократија. Овој закон не носи придобивки за граѓаните, туку само нови проблеми. Дополнително овој закон ја носи државата и граѓаните кон нови поделби кои ние не ги посакуваме, се вели во партиското соопштение на ВМРО ДПМНЕ.
 
Понудата на Мицкоски повеќе го налути вицепремиерот Османи. Го искритикува Мицкоски оти со вакви пораки опозициската партијата немала добра иднина.
- Ова е врвот на неодговорност на некоја политичка партија. Да кажете дека јас ќе го запалам домот затоа што не ми се задоволува една моментална потреба е врв на несериозност на политичка партија која претендира да ја води државата, истакна Османи.

Извори од опозицијата за Алфа велат дека нема овозможат законот да се протне противзаконски. Правниците се децидни дека расправа не може да се избегне, а гласање мора да има за секој од 35 илјади амандмани одделно.

Искра Коровешовска