Економија

Експерти - при економска стагнација не може да расте бројот на работни места

Не може да има нови вработени кога не расте производството. Бројките за пад на невработеноста и отворање на нови работни места се контрадикторни со нула отсто раст, односно стагнација на економијата.

09.03.2018 17:37:05
 Не може при економска стагнација да расте бројот на работни места. Треба да има зголемено производство за да има нови вработувања. Ова е реакцијата на упатените по новите податоци за економска стагнација во 2017-та и пад на невработеноста од 22.1 на 21.9% во последниот квартал минатата година. Државната статистика објави дека споредено со третиот квартал лани бројот на невработени се намалил за 2.877 лица , а бројот на вработени се зголемил за скоро 1800 луѓе при иста стапка на активност на населението. Од агенциите за привремени вработувања велат дека стапката на невработеност со години е нереална, поради големиот број на луѓе кои работат непријавени.

Стапката на невработеност и натаму е најголема кај младите. Кај оние до 24 години изнесува скоро 46%, една петина од луѓето на возраст од 25 до 49 години се без работа, додека стапката на невработеност кај оние од 50 до 64 години е зголемена од 16,9 на 18 отсто за една година. Бројот на вработени најмногу се зголемил во преработувачката индустрија, а најмногу се намалил во транспортниот сектор и земјоделството. Познавачите тврдат дека бројките нема да претрпат значителни промени годинава. Децидни се дека со мерки Владата не треба да ги стимулира фирмите да вработуваат и да даваат повисоки плати, туку да ги поддржи за тие да можат самите да го направат тоа. Дополнително треба и точно да се утврди колку луѓе работат во јавната администрација и да се намалат непотребните вработуввања во државниот сектор.

Еден од секторите каде што е најмногу присутна „сивата економија“ е токму градежништвото кое ја билдаше економијата во последнава декада. Овој сектор падна за цели 13.7% минатата година, а извесно е и дека лошата состојба ќе продолжи и годинава. Државната статистика објави дека на почетокот на годинава, во јануари на градежните компании им биле издадени за  речиси 49% помалку одобренија за градење, а предвидената вредност на објектите е двојно помала споредено со јануари минатата година. 


Тања Попова