Балкан

Ципрас ќе разговара за Македонија со Меркел, Јункер и Могерини

Со отворените прашања во грчката надворешна политика, премиерот Алексис Ципрас замина за Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ, каде што според грчките медиуми, ќе оствари низа средби.

23.02.2018 11:15:05

 Со отворените прашања во грчката надворешна политика, премиерот Алексис Ципрас замина за Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ, каде што според грчките медиуми, ќе оствари низа средби.

Односите на Грција со Македонија, Албанија и Турција ќе се најдат на агендата разговорите на Ципрас со Ангела Меркел, Федерика Могерини и Жан Клод Јункер.

Спорот за името, според информациите во медиумите во Грција од изминатите денови, се очекува да биде една од главните теми на средбата на грчкиот премиер со германската канцеларка, јавува дописникот на МИА од Атина.

Грчките медиуми потсетуваат дека Ципрас  и Меркел разговараа телефонски во вторникот, а еден ден потоа, германската канцеларка имаше средба со Зоран Заев и го пречека со зборовите „македонски премиер“. Фраза која наиде на реакции во Грција, како од медиумите, така и од опозициската партија Нова демократија.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Ципрас во Брисел, ќе учествува на заеднички состанок со Меркел, Јункер и Борисов, а ќе се сретне и со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, со која ќе разговара за прашањето за името.

Грчкиот информативен портал Ин, коментира дека европејците сакаат веднаш да се постигне решение на спорот за името и силно ја притискаат Атина.

- Владата се најде пред нови притисоци, овој пат од страна на Германија, пишува информативниот портал Ин, споменувајќи ја средбата Меркел - Заев, а тврдењето дека Грција, индиректно е под силни притисоци, го поткрепува и со вчерашната изјава на Јоханес Хан.

Портпаролот на грчката влада, како што утрово објави МИА, негираше дека постојат притисоци врз Атина во однос на прашањето за името.