Балкан

САД не поддржуваат размена на територии

Во денешното соопштение од Амбасадата на САД во Косово се наведува дека Вашингтон не поддржува размена на територии.

19.02.2018 17:14:28

Во денешното соопштение од Амбасадата на САД во Косово се наведува дека Вашингтон не поддржува размена на територии.

- Не поддржуваме размена на територии или воспоставување на преседан, што може да предизвика повеќе проблеми отколку решенија, но сите страни треба да бидат креативни во изнаоѓањето на решение, се посочува во соопштението на Амбасадата на САД во Косово.

Исто така се наведува и дека Косово и Србија во рамките на бриселскиот дијалог треба да ги нормализираат односите, додека САД „се подготвени да слушаат, помогнат и да бидат креативни во пружањето на поддршка за постигнување на сеопфатен договор, што е единствен начин за обезбедување на прозападна иднина за Косово и за Србија“.

Албанскиот премиер Еди Рама вчера изјави дека заеднички претседател на Албанија и на Косово ќе биде најдобар пример за единство на двете земји и оти тоа би можело да се реализира по десет години.

Албанскиот престолонаследник, принцот Лека денеска на социјалните мрежи објави дека „единството меѓу Албанија и Косово, за кое се заложи албанскиот премиер Еди Рама, може да се постигне само со кралската круна“ односно со враќање на монархијата.

- Националното обединување било, е и ќе биде сон и заложба на кралското семејство од генерација до генерација, дури и кога никој друг не се осмелуваше да го артикулира тоа! Тоа се остварува со кралската круна во двете држави како симбол на ова единство. Ова би била логиката на вистинска стабилност, традиција и вистински просперитет, како што укажуваат успешните примери во најразвиените западни земји, напиша принцот Лека.

Во меѓувреме, српскиот министер без ресор Ненад Поповиќ ја осуди изјавата на Рама за еден претседател на Албанија и на Косово и побара албанскиот премиер да биде прогласен за персона нон грата во Србија.

- Изјавата на Рама ја покажа вистинската цел за отцепувањето на Косово од Србија - да се прекоројат границите во регионот во корист на Албанците и да придизвикаат нови конфликти на Балканот, истакна Поповиќ.