Македонија

Првиот амбасадор во Грција Арсовски: Македонија нема да може да ги прифати цврстите грчки позиции

Се поочигледно е дека се одалечува наоѓање конечно решение на спорот, по патот на грчките црвени линии, знаејќи ги- иако недоволно јасните- позиции на првиот човек на извршната власт – Заев

14.02.2018 17:57:45
Се поочигледно е дека се одалечува наоѓање конечно решение на спорот, по патот на грчките црвени линии, знаејќи ги- иако недоволно јасните- позиции на првиот човек на извршната власт – Заев. Многучасовните и се почести средби остануваат на рамката разговори, поместувања нема. Различните медиумски толкувања од една страна, дека „вистинските преговори стартуваа вчера во Виена“- до оние дека „ништо од решение и промена на името“, се само прогнози. 
Но фактите како да се поблиску до втората линија: детали нема, решение нема, нема ниту промена на име.
Кому повеќе му одговара купувањето време со преговори без епилог – на Заев или на Ципрас, или пак на двајцата, во период кога се пократко е времето до НАТО –самитот и бриселскиот извештај? Дали Грција свесно ги поместува црвените линии во кои не доаѓа предвид да се тргне настрана идентитетот и Уставот, додека Заев порачува дека е најважно да се зачуваат? 
-Никаде не е запишано дека решение на проблемот е ново, само дека се разговара за надминување на разликите, вели за Алфа првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски

Македонската линија дека „ерга омнес“ решение е можно и без промена на Уставот, туку со договор депониран во ОН, не поминува кај грчката. Чие „ерга омнес“ барање повлекува нов идентитет и измени на највисокиот правен акт. Можно ли е привремено решение за да се задоволат НАТО и Брисел, што нема да значи промена на името?
-Мислам дека она што се прави во моментот е барање на извесно решение за премостување, во пресрет на НАТО самитот, и извештајот за напредокот што Македонија го чека од Брисел, додава Арсовски.  
Остануваат проценките оти конкретни информации нема. Колку евроатланските домаќини ќе се задоволат со привремено ама не засекогаш затворено прашање и како понатаму ќе се движи Македонија е уште позамрсен дискурс- а на патот повторно ќе остане соперникот Грција.    

Искра Коровешовска