Македонија

Апел од полицијата за пријавување на планинарски тури

Поради се почестите случаи на заталкувања на поединци изминативе два месеца, кои поради непознавање на теренот или неповолни временски прилики, тетовската полиција со апел до граѓаните.

13.02.2018 17:49:42

Поради се почестите случаи на заталкувања на поединци изминативе два месеца, кои поради непознавање на теренот или неповолни временски прилики, се изгубиле и не знаеле, односно не можеле да се вратат назад, и тетовската полиција со апел до граѓаните, особено до странците, да бидат внимателни и секоја намера за престој на планина да ја пријават. Благодарение на ефикасните потраги, реализирани од полициските службеници сите заталкани биле лоцирани, пронајдени и безбедно вратени. 

- Имајќи во предвид дека во полн ек е зимската туристичка и скијачка сезона, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до љубителите на белите спортови и планинарењето и пред се до странските државјани, доколку планираат  искачување на планинските врвови или скијање, поединечно или групно, да се пријават во најблиските полициски станици или одделенија.

При пријавувањето, граѓаните пожелно е да посочат, односно информираат каде ќе се движат и колку мислат да се задржат, за да може побрзо да се лоцираат и доколку има потреба,  да им се помогне. Зашто, во одредени ситуации, велат во тетовската полиција, мошне значајна е секоја минута, особено при неповолни временски состојби и на тешко достапни терени, на кои објективно нема можност за воспоставување телефонски контакт или друга комуникација со изгубените лица.                                                                      

Во меѓувреме, од ПД Трансверзалец, кое беше организатор на турата на Кајмакчалан, во која загинаа двајца македонски планинари, упатија апел за воздржаност од упатување коментари и изјави во врска со трагичниот случај, до објавувањето на официјалниот извештај.

                            

Милена Вучевска