Македонија

Алфа репортажа: Тажна слика од црквата Св. Талалеј во Арачиново, раните од 2001 се уште отворени

Затворена со метални жици, лесна мета е за кражби и сквернавење. Како тоа во 2016- најстрашно по 2001та. Уште стојат врежаните букви на фреските, уништените икони. Буквално се распаѓа, никој не се грижи за неа.

12.02.2018 17:54:26
Дрва насекаде, обраснат и каллив пат, стакла и по некој градежен шут – ако успеете да ги поминете овие неколку метри може одвај да стигнете до гробиштата во Арачиново – почивалиштата на блиските на семејствата на православните христијани,  некогаш жители на селото но засекогаш заминати од нивните домови по 2001 година. 
Тие се првата разочарувачка слика. Нашите соговорници зборуваат низ солзи.

Веднаш до гробиштата е трпезаријата каде би требало да се раздава храна за време на помените, но и да биде место каде би можеле да се собираат верниците кои сакаат тука да ги минат најголемите верски празници. Сега има остатоци: искршени прозорци, маси, ѓубриште. 

Трагична е и сликата во црквата Св. Талалеј. Затворена со метални жици, лесна мета е за кражби и сквернавење. Како тоа во 2016- најстрашно по 2001та. Уште стојат врежаните букви на фреските, уништените икони. Буквално се распаѓа, никој не се грижи за неа. И после 17 години ништо не е направено за единственото црковно место во Арачиново да биде приближно пристојно.  

Денеска начекавме неколкумина локални градежни работници. Добиле задача да го направат потпорниот ѕид на гробиштата, оти општинарите се исплашиле дека гробиштата буквално ќе се излизгаат врз патот.
-Денеска почнавме со работа, прво мора да го поправиме потпорниот ѕид, а потоа ќе видиме, како ќе каже шефот, вели мајсторот. 

А шефот е всушност градоначалничката Мелекие Халими од редовите на СДСМ. Но таа не била достапна за Богдановски и останатите Македонци кои денеска барале одговор кога ќе бидат средени црквата и гробиштата. Наместо неа се сретнале со нејзиниот сопруг, кој им ветил дека се ќе биде решено. Не беше достапна ни за Алфа. Во општината прво ни рекоа да почекаме оти Халими била со странки.

После 20 минути чекање Халими се ослободи ама не беше расположена за нас, оти не сме се најавиле. Така му рекла на нејзиниот колега надлежен за урбанизам Фидаи Бељули. Ни тој не сакаше да зборува во камерата, многу краток стаж имал на функцијата.
Накусо, за општината засега е најважно да се направи потпорниот ѕид, а другото кој знае дали и кога. Им пречи ли распаднатиот црковен дел, кој фрла шут, дрвја и отпад не успеавме да дознаеме од локалните жители, оти улицата се испразни како што се движеше нашата камера. 

Искра Коровешовска