Економија

Владата стравува да не се предомислат странските инвеститори

Иако се уште не се донесени законските измени со кои странските инвеститори ќе бидат поддржани со мерките од Планот за економски раст, Владата склучува поединечни договори со фирми кои ги добиваат овие поволности.

06.02.2018 15:31:44
 Иако се уште не се донесени законските измени со кои странските инвеститори ќе бидат поддржани со мерките од Планот за економски раст, Владата склучува поединечни договори со фирми кои ги добиваат овие поволности. Ваков договор беше склучен со турската Чагатај Кабло. Од Владата велат дека ова го прават за да не се спречат или предомислат странските инвеститори од вложување во земјава во периодот пред и официјално да биде усвоен законот во собранието.

Вицепремиерот Анѓушев уверува дека текстот на законот во кој се наведени мерките содржани во Планот за економски раст е готов. Оптимист е дека до крајот на март ќе биде усвоен од законодавниот дом, по што фирмите треба да почнат да добиваат поволности и стимулации. Потенцираше дека роковите ќе бидат запазени и дека аплицирањето ќе почне точно навреме, откако фирмите ќе ги поднесат годишните сметки за остварувањата во претходната година.

И покрај напорите за привлекување што повеќе странски инвестиции, статистиката покажува дека само 45 милиони евра во вид на странски вложувања влегле во земјава и тоа само за 9 месеци минатата година. Во третиот квартал беше регистиран одлив на околу 50 милиони евра. Власта се правдаше дека слабите остварувања се резултат на политичката криза, локалните избори и поделбата на дивиденди.

Тања Попова