Македонија

Водичарките од Беранци го разубавија денешниот Водокрст

Денешната пелагониска сончевина , утрово над битолското село Беранци кај манастирот ``Свети Јован Крстител``, празнично, достоинствено и уникатно беше разубавена од беранските водичарки облечени во прекрасна народна руба и од нивните песни.

19.01.2018 17:09:58
Денешната  пелагониска сончевина , утрово над битолското село Беранци кај манастирот ``Свети Јован Крстител``, празнично, достоинствено и уникатно беше разубавена од беранските водичарки облечени во прекрасна народна руба и од нивните песни. Тие во преплетот на водичарски песни што тука генерациски со векови се пренесуваат од колено на колено, заедно со свештеникот беа дел од утринската богослужба, во слава на големиот светец ``Свети Јован``.

- Оваа традиција е од дедо- предедо и јас од кога паметам. Во комунизмот по градовите не се одржуваше, ама по селата беше секојпат. Тие се водичарки и пејат ссплет од специјални песни и како традиција одат од куќа на куќа- рече Сребре Пецевски, жител на с. Беранци.

Од деветте берански момчиња што се одважија по крстот, најсреќен беше дваесетгодишниот Александар Велјановски, а гости имаше и од Битола и Прилеп.

- Втор пат ми е како го наоѓам крстот, а досега пет пати сум скокал. Чуството е супер, среќа, здравје и тоа е најважно- рече славеникот Александар Велјановски. – Уште пред пет години кога од Институтот за старословенска култура се одбележуваше овој настан, јас бев тука и од тогаш доаѓам кога можам. Еве и оваа година, на ова прекрасно време сме тука. Мучеститаме на тој што успеа да го пронајде крстот во осветената вода и да му поскаме успех и берикет нему и на неговата фамилија- рече Светлана Петковска од Активот на жени од Битола.
Овој верски празник со обредите во Беранци, од Институтот за старословенска култура е валоризиран како највредно нематеријално културно наследство.

- Празнувањето на Водици во село Беранци има голема културна и национална вредност која се состои во зачувувањето и изведувањето на обичајно- обредната практика во нивната изцворна и автентична форма со децении наназат. Како што и самите можевте да видите, напоредно со изведувањето на црковно- евангелиските елементи, го имаме и народното обичајно и обредно пееење- рече д-р Ели Луческа, директор на Институтот за старословенска култура на Македонија.

За беранските Водици, покрај изработката на сеопфатна студија, минатата година беше снимен и документарен филм кој ги опфаќа сите обреди со 45 песни колку што се пејат, а влезен е во македонската културна ризница како еден од најубавите бисери на духовното културно наследство.


Петар Стефановски