Спорт

Македонија триумфираше над Словенија

Македонската ракометна репрезентација на стартот од Европското првенство во Хрватска ја совлада Словенија со 25:24 и веќе по првото коло е на чекор до пласман во следната фаза.

13.01.2018 22:16:38

Според очекувањата одигравме тежок натпревар во кој на крајот успеавме да славиме и со триумф да го отвориме настапот на континенталниот шампионат. Веќе по првото коло направивме крупен чекор кон пласман во следната фаза, а што е најважно пренесуваме и најмалку два бода што ќе ни донесе можност за што е можно повисок пласман на првенството.

Нашите ракометари лошо го отворија мечот и противникот поведе со 5:2, а ние 13 минути чекавме на првиот гол постигнат од игра. Како одминуваше натпреварот ние ја консолидиравме играта, а по серијата на добри одбрани на голманот Никола Митревски успеавме да фатиме резултатски приклучок, а по серијата од 3:0 во завршницата од првиот дел на одмор заминавме со нерешен резултат 11:11.

Стартот на второто полувреме мина во знакот на нашата репрезентација. Имавме серија од 4:0 за водство од 15:11, но и тоа не беше доволно за да се скрши отпорот на противникот. Словенија бргу успеа да се врати во мечот, а девет минути пред крајот и да поведе со 22:21.

Во завршницата се играше гол за гол, а на пет минути пред крајот со головите на Кире и Филип Лазаров стигнавме до водство од 25:24 за конечен триумф во овој дуел.

Најефикасен во македонската репрезентација со осум гола беше Дејан Манасков, Кире Лазаров постигна седум додека по два пати прецизни беа Филип Миркуловски, Гоце Георгиевски и Филип Лазаров.

Двајцата голмани заедно имаа 13 одбрани од кои девет Митревски, а четири Борко Ристовски.

Следува слободен ден за нашиот тим и подготовка за дуелот со Црна Гора во кој со победа дефинитивно го обезбедуваме пласманот во главната рунда.