Спорт

Македонија го отвора шампионатот со Словенија

Нашите ракометари вечерва од 19 часот и 30 минути против Словенија ќе го одиграат првиот натпревар на Европското првенство во Хрватска.

13.01.2018 11:28:13

Трет пат едно по друго на големите натпреварувања нашата селекција се соочува со денешниот противник и по двата последователни порази во на Мундијалите во Катар и Франција на отворањето на континенталниот шампионат во Хрватска имаме шанса да ја прекинеме серијата неуспеси. Надежта за успех во денешниот меч дополнително се подгрева со фактот дека единствениот триумф во последниве години на официјалните мечеви со Словенија е забележан токму на Европските првенства и тоа пред шест години во Србија кога го постигнавме и најголемиот успех во историјата на репрезентативниот ракомет.

Селекторот Раул Гонзалес за денешниот меч се реши да не смета на Велко Марковски, Гоце Ојлески и Златко Даскаловски, а во составот дебитира на големите натпреварувања Мартин Велковски.

Предводникот на националниот тим нема поголеми проблеми со составувањето на тимот, но неговиот колега на спротивната страна Веселиин Вујовиќ се соочува со низа отсуства од екипата и тој нема да може да смета Доленец, Миклавчич, Габер, Потеко и Хенингман додека по повредата се враќа Кавтичник.

Нашиот состав има за цел да ја продолжи успешната низа и пласмани во втората фаза од големите натпреварувања, но сигурно дека би сакале во главната рунда да пренесеме и некој бод, а тоа може да се реализира со победа во денешниот меч.

Мечот против Словенија почнува од 19 часот и 30 минути, а правдата ќе ја делат романските судии Константин Дин и Лаурентиу Дину.