Економија

Задолжувањето продолжува – издадена еврообврзница од половина милијарда евра

Владата не задолжи за половина милијарда евра. Најден е купувач за новоиздадената еврообврзница со рок на достасување од седум години и каматна стапка од 2,75 отсто.

11.01.2018 19:31:29
Владата не задолжи за половина милијарда евра. Најден е купувач за новоиздадената  еврообврзница со рок на достасување од седум години и каматна стапка од 2,75 отсто. Од Министерството за финансии велат дека ова е досега најниска каматна стапка за било која од македонските еврообврзници што било одраз на  довербата кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. 

Со парите од задолжувањето ќе се покрие буџетскиот дефицит и ќе се отплати дел од државниот долг. Се откупува и дел од 270-милионската еврообврзница издадена во 2015-та, кога токму техничкиот заменик министер Кире Наумов од СДСМ се обиде на секој начин да го спречи нејзиното издавање, што резултираше со плаќање на многу повисока камата од 4,8%. Во годинешниот буџет предвидено е максимално задолжување на странскиот пазар во висина од 566 милиони евра.  Владата ќе продолжи да се задолжува и на домашниот пазар.

 Максимално предвидените приливи од издавање на хартии од вредност два пати месечно до крајот на годината може да достигне 288 милиони евра. Инаку ова ќе биде 6-та еврообврзница која ќе ја издаде Република Македонија. Првата ја издаде токму владата на СДСМ во 2005-та во висина од 150 милиони евра. Останатите 4 ги издаде Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2009-та се задолживме за 175 милиони евра, во 2014-та 500 милиони, во 2015-та 270 милиони евра и в о2016-та 450 милиони евра. Преку еврообврзници Македонија досега се задолжи на странскиот пазар за две милијарди евра, милијарда и пол за главнината и уште 500 милиони за камати.