Економија

Задолжувањето продолжува - се бараат купувачи за нова евро обврзница

Владата издава еврообврзница. Ројтерс објави дека земјава веќе почнала со промотивни активности за издавање на 7-годишна еврообврзница со стапка од 3,375%.

11.01.2018 18:01:36
Владата издава еврообврзница. Ројтерс објави дека земјава веќе почнала со промотивни активности за издавање на 7-годишна еврообврзница со стапка од 3,375%. На потенцијалните купувачи на странскиот пазар еврообврзницата ќе им ја понудат Ситигруп, Дојче Банк и Ерсте Груп – пишува Ројтерс.

Владата во Службен весник веќе ги објави намерите за издавање еврообврзница, но од министерството за финансии се уште молчат околу деталите. Во одлуката стои дека Македонија ќе се задолжи максимум до половина милијарда евра, пари со кои ќе се отплати дел од државниот долг, а потенцијално ќе се откупи и дел од 270-милионската еврообврзница издадена во 2015-та, кога токму техничкиот заменик министер Кире Наумов од СДСМ се обиде на секој начин да го спречи нејзиното издавање, што резултираше со плаќање на многу повисока камата.

Предвидено е со еврообврзницата да се тргува на Ирската берза и да се плаќа камата еднаш годишно ако се издаде во евра или полугодишно ако е во американски долари.

Во годинешниот буџет предвидено е максимално задолжување на странскиот пазар во висина од 566 милиони евра.  Владата ќе продолжи да се задолжува и на домашниот пазар. Максимално предвидените приливи од издавање на хартии од вредност два пати месечно до крајот на годината може да достигне 288 милиони евра. Пари мора да се обезбедат бидејќи годинава доспеваат обврски од вкупно 370 милиони евра, 200 милиони на домашниот и скоро 170 милиони евра на странскиот пазар, од кои 95 милиони за враќање сега во јануари.

Кога го презентираше буџетот за оваа година, министерот Тевдовски рече дека еврообврзница ќе се издаде само ако Македонија може да се избори за пониска стапка од оние по кои се задолжува на домашниот пазар. За потсетување, Ројтерс пишува дека каматата ќе достигне 3,375%, а Министерството за финансии се задолжуваше дома со стапки од 1,5% за 6-месечните државни записи со 3,80 отсто за 15-годишните обврзници.

Инаку ова ќе биде 6-та еврообврзница која ќе ја издаде Република Македонија. Првата ја издаде токму владата на СДСМ во 2005-та во висина од 150 милиони евра. Останатите 4 ги издаде Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2009-та се задолживме за 175 милиони евра, во 2014-та 500 милиони, во 2015-та 270 милиони евра и в о2016-та 450 милиони евра. Преку еврообврзници Македонија досега се задолжи на странскиот пазар за две милијарди евра, милијарда и пол за главнината и уште 500 милиони за камати.



Тања Попова


 

Наздравје ...ње

Од: Бобо

Време: 11.01.2018 20:39:06

Коментар: Што ти е нов живот, пола милијарда, нема трте-мрте. Кој последен остане во оваа недојдија, нека го изгасне светлото!