Економија

Светска Банка ги ревидираше надолу проекциите за раст на Македонија

Светска Банка ги ревидираше надолу проекциите за раст на земјава во однос на јуни минатата година.

10.01.2018 17:14:34
 Светска Банка ги ревидираше надолу проекциите за раст на земјава во однос на јуни минатата година. Македонија ја завршила 2017-та со раст од 1 и пол отсто, а не со 2.8% колку што проектираше лани. Годинава економијата ќе порасне за 3.2% - ова се последните проекции на Светска Банка објавени во најновиот извештај за глобалните економски перспективи. За догодина смета дека економскиот раст ќе изнесува 3.9%, а во 2020-та година 4%. 

„Во Македонија по надминувањето на политичката криза, која имаше влијание врз економијата, главни проблеми остануваат невработеноста, фискалната консолидација и можноста за зголемување на фискалниот дефицит поради најавените трошоци за инфраструктурни проекти“ – велат од Светска банка.

Во регионот највисок раст годинава ќе оствари Косово , од 4..8%. Повисок раст на економијата од Македонија ќе имаат и Албанија и Бугарија, Босна и Херцеговина ќе има ист раст како и земјава, додека послаби остварувања ќе имаат Србија, Црна Гора и Хрватска.
Светска Банка во извештајот наведува дека во регионот, економска експанзија особено доживеале руски и турски компании, дека растот бил засилен во некои држави, поранешни членки на Советскиот Сојуз, а бил побавен во земји како Македонија, Србија, Украина и Молдавија. 

Сите држави од Западен Балкан имаат проблеми со емиграцијата на младите, стареење на работната сила и ниската продуктивност. Затоа Светска Банка во извештајот препорачува повеќе да се работи на привлекување странски инвеститори кои ги зголемуваат технолошките предности, микро кредитирање на проекти од млади претприемачи, како и подобрување на вклученоста на жените на пазарот на труд преку намалување на давачките и поголемо родителско отсуство.

Глобалниот економски раст годинава е проектиран на 3.1%. Според Светска Банка, јасно се забележува раст на инвестициите и трговијата и глобалната економија ќе ја има најдобрата година по финансиската криза. 

Во Еврозоната, ниските камати се причина за забрзаните вложувања и пад на невработеноста. 
Од земјите во развој, најголем раст би требало да имаат Индија од 7.3% и Кина од 6.4 отсто.

Тања Попова

 

Рецесија пред врата

Од: Бобо

Време: 10.01.2018 17:43:34

Коментар: Кому му е потребен економски раст? На владата сигурно не и е потребен, бидејки таа под економија разбира покачување на даноци, акцизи, казни и ако затреба за недај боже и по некоја девалвација ќе стокмат. Сето тоа за добробит на граѓаните, ете и пред некој ден онаа карикатура од министер цел еден сат им објаснуваше на гладните граѓаните дека е многу поважно да се плаќаат даноци отколку да се јаде леб.