Спорт
Завршна фаза од подготовките за настап на ЕП
Македонската машка ракометна репрезентација и денеска има слободен ден, а веќе од утре го почнува завршниот дел од подготовките за настап на Европското првенство кое неделава почнува во Хрватска.
По враќањето од Белград нашите ракометари поради Божиќните празници имаат уште еден слободен ден и веќе од утре ќе почнат со завршните тренинзи пред заминувањето за Загреб кое е предвидено на 12 јануари.
Пред паузата избраниците на Раул Гонзалез во Белград одиграа два контролни натпревари и во земјава се вратија со максимален учинок. Прво убедливо беше совладана селекцијата на Саудиска Арабија со 37:21 , а потоа следуваше и победа од 32:29 над репрезентацијата на Србија.
Во завршниот дел од тренинзите ќе се посвети внимание на тактичко-технички подготовки за противниците во првиот дел од натпреварувањето во кое ќе се соочиме со Словенија, Црна Гора и Германија.
Европското првенство почнува на 12 овој месец, а нашата селекција првиот настап го има ден подоцна и се среќаваме со Словенија.