Македонија

Без новогодишна еуфорија - Скопје далеку зад големите европски метрополи

Без грам новогодишна еуфорија и многу поскромно од минатите години. Плоштадите „Македонија“, „Филип Втори“, како и „Сквер Јадран“ - на речиси 10-ина дена пред Новогодишната ноќ, зјаат неукрасени.

17.12.2017 16:53:51
Без грам новогодишна еуфорија и многу поскромно од минатите години. Плоштадите „Македонија“, „Филип Втори“, како и „Сквер Јадран“ - на речиси 10-ина дена пред Новогодишната ноќ, зјаат неукрасени.

Новогодишната елка која требаше да светне пред околу три недели дури денеска се монтираше на Плоштадот. Надзорот кој им даваше инструкции на работниците, вели дека кочницата била кај тендерската документација и промената на власта.  

Ги нема ниту предновогодишните празнични активности - како базарот на ракотворби, дедомразовските трки, детската програма. Доживувања за време на новогодишните празници ќе останат за некое друго време. Граѓаните велат дека ова било не видено до сега. 

И годинава нема да има новогодишна прослава на плоштадот „Македонија“ во Скопје, а средствата што Град Скопје ги испланирал за дочекот на отворено, во износ од 50.000 евра, ќе се донирале на Клиниките за белодробни заболувања и за гинекологија.

Љубителите во заедничка забава на отворено годинава ќе имаат можност да ја дочекаат новата година на „Сквер Јадран“, каде Општина Центар ќе организира музичка програма. Скопјани ќе ги забавува Тамара Тодевска, момците од „Некст Тајм“ и групата „Ај Кју“.

Новогодишни прослави најверојатно нема да има ниту во другите поголеми градови. Во Битола парите најверојатно ќе бидат наменети за хуманитарни цели, и плоштадот по се изгледа ќе остане празен. Во Охрид пак, до сега нема никаква информација дали нешто ќе се случува на градскиот плоштад, за сега молк од охридската локална власт. Ако нема организирана прослава, угостителите стравуваат дека тоа негативно ќе се одрази врз празничната туристичка сезона. 

Борис Грујоски