Македонија

Средба Ципрас - Заев само со конкретен предлог на маса

Доколку Македонија е подготвена да прави отстапки во однос на деценискиот спор со јужниот сосед и промена на уставното име, мора да биде внимателна околу идентитетот и црвената линија на македонските ставови, коментираат експертите.

17.12.2017 16:53:59
Доколку Македонија е подготвена да прави отстапки во однос на деценискиот спор со јужниот сосед и промена на уставното име, мора да биде внимателна околу идентитетот и црвената линија на македонските ставови, коментираат експертите. Во јавноста веќе излегуваат можни предлози од грча страна, а тамошните медиуми лицитираат со предлозите „Нова Македонија“  кој според нив е македонски предлог, „Северна Македонија“ или „Горна Македонија“.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров за алфа прави анализа целиот процес на затоплување на односите со соседите, но и дава можни предлози доколку Македонија биде „притисната“ да направи отстапки, кои нема да го избришат идентитетот ниту ќе погазат македонската историја.

Иако македонскиот премиер Заев најави дека во јануари е можна средба со неговиот грчки колега Ципрас, сепак првиот грчки дипломат за тамошните медиуми вели дека таквата средба е невозможна без конкретен напредок во преговорите, но и без смисла и содржина за истата. По средбата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на средбата во Атина, Коѕијас вели дека очекува процесот на преговори да се одвива побрзо со конкретни моменти. 

Пред само неколку дена и гркот Јоргос Пападакис член на Европската слободна Алијанса во изјава за Алфа порача дека на Грците не им е битно името на Македонија туку трн во око им се македонскиот народ, јазик и македонското малцинство во Грција. 

Македонија мора да биде поофанзивна кога се во прашање националните интереси. Се работи за суштинско прашање – Името на државата, предупредува Пападакис. 

И додека познавачите предупредуваат дека ни оддалеку не се гледа окончување на спорот, македонските власти велат дека тоа е можно преку инклузивен пристап дома и со градење на позитивна атмосфера на добрососедство и соработка со Република Грција. Инаку премиерите на земјите од Западен Балкан утре на средба со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини ќе разговараат за неопходните чекори околу евроинтеграциите. 

Ивана Соколовиќ Најдова