Економија

Пад на БДП три квартали по ред, годината ќе ја завршиме со стагнација и во рецесија!?

Македонската економија ги чувствува последиците од промената на власта, а со тоа и промена на економските политики.

07.12.2017 19:36:58
Македонската економија ги чувствува последиците од промената на власта, а со тоа и промена на економските политики. Стопанството во третиот квартал порасна за само 0.2% и практично е во рецесија. 
Во третиот квартал во позитива биле само трговијата, земјоделството и дејностите поврзани со недвижности. Драстични минуси има за градежништвото, преработувачката индустрија и рударството.

Трет квартал
Вкупен БДП -0/2%
трговија (+9.8%)
земјоделство (+3.8%)
дејности поврзана со недвижности (+0.9%)
рударство (-4.1%),
преработувачка индустрија (-5.8%)
градежништво (-11.6%)
Извор: ДЗС

Економијата во првиот квартал беше во стагнација односно растот беше еднаков на нула, во вториот според ревидираните податоци намалувањето било за 1.3%, а во третиот повторно имало благ раст од само 0.2%. Кога се ќе се собере во периодот јануари – септември вкупниот економски раст бил негативен односно -0.4%. Македонија, сепак, официјално избегна рецесија бидејќи по дефиниција една економија влегува во рецесија кога има пад на БДП во два последователни квартали.

Народната Банка (НБРМ) засега останува на проекцијата за вкупен раст од 0.5% до крајот на годината.
„Во претходните три години ние имавме солиден економски раст. Во просек економијата растеше со околу 3% и тоа беа стапки на раст кои што беа едни од повисоките во регионот на Централна и Југоисточна Европа. Меѓутоа со ескалацијата на политичката состојба и високата политичка неизвесност растот забави“ изјави Анита Ангеловска – Бежоска, вицегувернер на НБРМ.

Единствениот позитивен показател е натамошното намалување на невработеноста за 0.5 процентни поени, стапката се спушти на 22.1%.

Сепак, доколку продолжи негативниот економски тренд тоа секако ќе се одрази и на невработеноста која за прв пат по десет години може повторно да почне да расте.

Зголемената инвестициска активност на претходната влада, во годините на рецесија на светската економија го спаси македонското градежништво, отвори илјадници работни места и спаси големи компании од сигурен пропаст, поволните ветришта за македонското градежништво и градежни работници, со смената на власта очигледно запреа, па сега наместо раст имаме огромен пад.


Соња Маневска