Македонија

Браќата Каритидис во знак на револт спијат под отворено небо

Василис Каритидис и неговиот брат од Грција спијат под отворено небо во знак на поддршка за приведените лица за настаните од 27 април.

07.12.2017 17:36:15
  Василис Каритидис и неговиот брат од Грција  спијат под отворено небо во знак на поддршка за приведените лица за настаните од 27 април. На мермерна подлога во близина на споменикот од Св. Кирил и Методиј кој се наоѓа во градот, Флорина или Леринско имаат поставено ќебиња и тука ги поминуваат ноќите. На овој чекор се одлучиле пред два дена и не ги спречува ниту температурата која паѓа под нулата во текот на ноќта за да го изразат својот револт и протест. 

- Би сакал да го известам македонскиот народ, народот кој ја сака Македонија, како вие таму и ние тука. Одлуката ја донесов лично јас. Оваа вечер почнуваме со штрајк за браќата Македонци што се затворени. Да ми простите што не можам моето македонско знаме да го ставам до мене, ама го ставам моето тело. На овој студ одлучивме да спиеме надвор на отворено небо. Нека знае Грција и Европа, што зло се нанесува на Македонецот, напиша Каритидис на својот Фејсбук профил на 5ти декември .

 Поддршка за овој чекор браќата Каритидис добија од повеќе граѓани, ги охрабруваат со коментари на социјалните мрежи да продолжат, а дел од нив дури и повикуваат да се излезе на улица и да се протестира како поддршка. 

 За „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, Обвинителството гони 36мина луѓе, меѓу кои видни и јавни личности, народни избраници.  Минатиот  петок владејачкото мнозинство во Собрание на експресна седница им ги симна имунитетите на пратениците.  Кривичниот суд по распит на шестмината пратеници во триесетдневен притвор ги прати  Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, а куќен притвор Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски