Економија

До крајот на годината компаниите треба да исплатат К-15

Регресот за годишен одмор или К-15 и оваа година им следува на вработените во приватните компании од македонското стопанство.

07.12.2017 19:19:37
 Регресот за годишен одмор или К-15 и оваа година  им следува на вработените во приватните компании од македонското стопанство. Фирмите коишто не го исплатиле во претходните 11 месеци ќе мораат тоа да го направат во преостанатите 20 дена од годинава. 

Услов кој треба да се исполни за регресот за годишен одмор е работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината што значи до крајот на годината сите работници кои го исполнуваат условот за регрес на годишен одмор треба да им биде исплатен од страна на работодавачот, во спротивно се пропишани високи казни.

Краен рок за исплата е  31.12.2017. Според статистиката на просечната нето и бруто плата по вработен за месеците јули, август и септември, висината на К-15 ќе се движи од 9.174 денари или 40 отсто од просечна нето плата во последните 3 месеци) до 13.484 денари што е 40 отсто од просечна бруто плата во последните 3 месеци). Скоро сите газди го исплаќаат само минимумот кој треба да им го дадат на работниците – велат од синдикатот.

Од Синдикатот велат дека има случаи каде работодавачите бараат да се враќаат пари на рака, но работниците најчесто од страв не ги пријавуваат, па синдикатот не може да им помогне. Затоа апелираат работниците да се охрабрат ако сакаат да ги остварат своите права.

Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

Сопствениците на фирми согласно важечките правила во однос на исплата на К-15 , може да исплатат и 1 денар, но може да исплатат и повеќе од 40 % од просечната плата во земјава. Исплатата на К-15 ќе зависи од добивката на компанијата и планираните инвестиции.

За фирмите кои нема да исплатат К-15 предвидени се парични и затворски казни за работодавачите.