Економија

Амандманската расправа за буџетот завршува денеска во матичната комисија

Власта продолжува во отсуство на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да расправа за предлог буџетот за наредната година, а меѓу другите и за амандманите поднесени од оваа партија.

07.12.2017 17:51:03
 Власта продолжува во отсуство на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да расправа за предлог буџетот за наредната година, а меѓу другите и за амандманите поднесени од оваа партија. На вчерашната седница, Комисијата за финансирање и буџет усвои 4 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и два на БЕСА, но денеска ниту еден.

Комисијата ги прифати амандманите што се однесуваат на субвенции за печки на пелети, технолошко развојната индустриска зона во Куманово, изградба на колекторски систем во Неготино, повеќе пари за решавање на проблемот со депонијата во Струга, како и изградба на детски парк во Нерези во Општината Карпош во Скопје. Денеска Комисијата отфрли бројни амандмани меѓу кои и за детска градинка во Струга.

Денеска се очекува да заврши амандманската расправа за предлог буџетот. За него Собранието ќе расправа и во сабота на Законодавно правната комисија. Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА  поднесоа вкупно 279 амандмани. Процедурата налага по завршување на расправата во матичната комисија, предлог - буџетот да се стави на пленарна седница каде треба да се расправа 5 работни дена. Буџетот за наредната година е скроен врз основа на проекции за економски раст од 3%, дефицит од 2.7% и инфлација од 1.7 проценти.

Тања Попова