Македонија

Апелација одлучи- Борис Дамовски и Владо Јовановски остануваат во притвор во Шуто Оризари

Борис Дамовски и Владо Јовановски остануваат во притвор во Шуто Оризари.

07.12.2017 17:32:33
Борис Дамовски и Владо Јовановски остануваат во притвор во Шуто Оризари. Апелација не ги прифати жалбите на одбраната на режисерот и актерот на кои куќниот им беше заменет со притвор во Шуто Оризари, во врска со настаните од 27 април.

На денешната расправа пред судот обвинителот Момир Маричиќ во образложение на притворот инсистираше жалбите да не се уважат, и притворот да остане. Според него Дамовски бил еден од главните обвинети, и само со притворот можело да се осигура неговото присуство. 

Во образложението на жалбата пак за Јовановски, неговиот адвокат Ставре Џиков нагласи дека притворот е силна мерка, односно казна, и дека куќниот притвор може да обезбеди присуство на актерот за време на постапката. 
И во врска со него обвинителот Маричиќ нагласи дека останува на барањето за притвор.

Што се однесува до Маричиќ, кој инаку е дел од Вишото јавно обвинителство, важно е да се знае дека е татко на советникот во кабинетот на премиерот -Бојан Маричиќ. Помладиот Маричиќ пред да стане дел од советничкиот тим на Заев, на јавноста и беше познат како активист на македонскиот центар за европско образование. 

Жалби до Апелација доставија и адвокатите на шестмината пратеници кои во вторникот завршија во  притвор- Мукоски, Арнаудов и Василевски во Шуто Оризари, додека Пешевска, Тарчуловски и Димовски во куќен притвор.

Адвокатот на Пешевска вчера за Алфа рече дека во решението за куќниот притвор за пратеничката нема образложение со кое дејствие таа извршила кривично дело, туку се наведени само основите за одредување на мерката. И оваа е главната поента во нивната жалба до Апелација. 

Народниот правобранител Иџет Мемети рече дека до него се доставени повеќе претставки за начинот на приведување на Митко Чавков и останатите осомничени за настаните од 27 април.Неговиот тим работи и на претставки за полициското постапување како и за притворските услови.

Пратеникот Мукоски пак, од вчера штрајкува со глад. И неговиот адвокат порача оти нема основа за притворот во Шуто оризари, оти Мукоски ниту бегал ниту има намера да бега.  

Искра Коровешовска