Македонија

„Белата чума“ ја остави Битола без млади

Празни училници, непотполни паралелки и училишта во кои од година во година с`е повеќе се намалува бројот на учениците. Тоа е сликата на Битола што трае со децении.

07.12.2017 17:57:30
Празни училници, непотполни паралелки и училишта во кои од година во година с`е повеќе се намалува бројот на учениците. Тоа е сликата на Битола што трае со децении. Битолскиот писател Панде Манојлов кој порасна и живее тука без своите најблиски, печалбарството го одвои од родителите кои пред половина век му заминаа во Австралија и таму ги оставија коските, а сега неговиот син и внуците му се заминати во Шведска. Тука самјачи и полн со носталгија, пишува за миграцијата или народски речено за  ``белата чума``, поради која училиштата останаа празни, а луѓето зафатени од апатија, почнаа ниту на мртовец да плачат, ниту на новороденче да се радуваат.

- Со правата поетска книга ``Црвен немир во црвено пламти``, ќе ме затвореа зљашто пишував за пустошот во македонските села, за ``белата чума`` тогаш. Значи, овој проблем  стално го тргнуваме настрана , а во Битола трае со години. Македонија, во овој случај го плаќа најтешкиот данок, данокот во крв. Тежок збор го велам, меѓутоа така го чуствувам зашто во Битола бројката на населението од ден се намалува. Многу куќи во центарот, а да не зборуваме и за периферијата, веќе се испразнети- рече битолскиот писател Панде Манојлов.

Од локалната власт велат дека ова е горлив проблем и за негово решавање е потребна долгорочна стратегија и системски мерки.

- Мораме да создадеме услови за живот во Македонија кои ќе придонесат младите да останат тука. Ако тоа не го направиме, никакви краткорочни мерки  нема да помогнат бројот на учениците да се зголемат во училиштата- рече Валентин груевски, претседавач на Советот на Општината- Битола.

Според последните согледувања, Битола е во фаза на депопулација, а само во училиштата за една деценија основците од 10. 000 се намалиле на седум илјади, додека средношколците од шест на четири илјади. Главана причина е ``белата чума`` и масовното исселување, неподелени се мислењата.


Петар Стефановски