Македонија

Контроверзната одлука на Трамп и очекуваниот сеизмички потрес во муслиманскиот свет

Исламистичката група Хамас повика на нова Интифада против Израел. Лидерот на Хамас Исмаил Ханија изјави дека одлуката на Трамп е објава на војна кон палестинскиот народ

07.12.2017 11:59:44
 Шок, неверување а потоа бес. Контроверзната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел, очекувано, предизвика лавина од негодувања во муслиманскиот свет. Осуда и горчина поради таквиот потег изразија лидерите на речиси сите муслимански држави од Индонезија и Малезија преку арапските петро-монархии, се до американскиот партнер и сојузник во НАТО, Турција. Лидерите на овие земји бараат Трамп да ја повлече одлуката и предупредуваат дека признавањето на Ерусалим може да биде искрата која ќе го запали не само регионот, туку ќе има далексуежни последици по мирот на целата планета. На Западниот брег и во Газа итно се затворени училиштата и продавниците поради можните насилства на демонстрациите, а протести се најавени пред американските претставништва во Турција и во други земји.

- Бараме веднаш палестинските власти и претседателот Махмуд Абас да ги запрат сите мировни преговори со Израел – вели еден палестински демонстрант но Газа.

Исламистичката група Хамас повика на нова Интифада против Израел. Лидерот на Хамас Исмаил Ханија изјави дека одлуката на Трамп е објава на војна кон палестинскиот народ и најави дека новата револуција против „ционистичкиот непријател“ ќе биде подготвена и ќе започне во најскоро време. Одлуката на Трамп меѓутоа наиде осуда и кај сите американски сојузници во Европа. Како неодговорна ја осудија британската премиерка Тереза Меј, германската канцеларка Ангела Меркел, високата претставничка на Еу Федерика Могерини, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, францускиот претседател Емануел Макрон.

Можам да изразам несогласување со Трамп и само да повторам дека неговата одлука е унилатерална. Просто ви повторувам дека таа одлука е во спротивност со меѓународното прав и резолуциите на ОН – изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Поради вчерашниот потег на Трамп ќе биде одржана итна седница на Советот за безбедност на ОН, како и состанок на Арапската лига. Покрај Израел, единствена земја која засега го поздрави признавањето на Ерусалим е Чешка која меѓутоа соопшти дека Ерусалим го смета за престолнина и на Израел и на идната палестинска држава.

Драган Милосављевиќ