Балкан

Белград излепен со плакати на Ратко Младиќ

Центарот на Белград, Земун, како и други општини на главниот град на Србија осамнаа денеска со излепени плакати со ликот на Ратко Младиќ.

06.12.2017 15:52:03

Центарот на Белград, Земун, како и други општини на главниот град на Србија осамнаа денеска со излепени плакати со ликот на Ратко Младиќ. 

На сликата Ратко Младиќ е во офицерска униформа со подигната рака во војнички стил на поздравување, а испод стои натпис „Нема да предадам“!

На плакатите е логото на ултрадесничарското движење „Образ“, чии активисти ги имаат поставено плакатите. Инаку „татковинското движење образ“ Уставниот суд на Србија го забрани во 2012 година.

Во соопштението на сајтот на Образ по повод плакатите, стои дека ова е „дочек на бошњачкиот член на претседателството на БиХ-Бакир Изетбеговиќ“, како и -„Ја потсетуваме јавноста на страшниот грев на предавство кој го направија властодршците во Србија, како бившите-така и сегашниве“.

Во Белград денеска престојува делегацијата на претседателството на БиХ, која има средби со државниот врв на Србија.

Судот на Хашкиот трибунал го осуди воениот комадант на босанските срби-генералот Ратко Младиќ на казна доживотен затвор.

По војната во БиХ, Ратко Младиќ се криеше во Србија 12 години, а уапсен е во мај 2011 година, по што е предаден на Хашкиот трибунал.