Економија

Експресна расправа за буџетот без опозиција

Заврши општата расправа по предлог буџетот за 2018-та година во матичната комисија во собранието. Власта упорно го турка предлог буџетот во собранието без присуство на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

06.12.2017 15:59:49
 Заврши општата расправа по предлог буџетот за 2018-та година во матичната комисија во собранието. Власта упорно го турка предлог буџетот во собранието без присуство на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. И денеска, како и вчера  матичната комисија за финансирање и буџет расправаше за обемот на државната каса за догодина. За министерот за финансии не е спорно што буџетот е во процедура, а за него не можат да коментираат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, добро е што и покрај блокадите, комисијата функционира и ќе го донесе најважниот финансиски документ во државата.

Денеска пратениците на СДСМ сами го разгледуваа новиот предлог буџет за 2018 година, но без никаква дебата, само читаа одредени ставки од буџетот и колку тие ќе ги чинат граѓаните.

Инаку, вчера по 6 дена одложување од страна на претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска, СДСМ најде начин да ја продолжи седницата. Претседателот на Собранието Талат Џафери се повика на Деловникот и закажа седница со нов претседавач, пратеникот од СДСМ Васко Ковачевски. Причината за ваквиот потег, Џафери ја оправда со рокот од 10 работни дена за претрес по предлог Буџетот кој почна да тече од минатиот понеделник. Ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и натаму не се појавуваат на седниците, тогаш 204 амандмани поднесени од нив ќе бидат предмет на разгледување од присутните членови на комисијата. По завршување на расправата во матичната комисија, предлог-буџетот се става на пленарна седница каде треба да се расправа 5 работни дена.


Тања Попова