Економија

Продолжуваат протестите на вработените од ФЕНИ

Повторно блокада на патот Градско-Прилеп. Нов масовен протест на вработените на ФЕНИ

05.12.2017 15:19:43
Повторно блокада на патот Градско-Прилеп.  Нов масовен протест на вработените на ФЕНИ. Тие и денеска протестираат поради две неисплатени плати, а и на денешниот протест им се приклучија транспортерите кои превезувале руда за кавадаречкиот комбинат,на кои не им е платено од месец март.

Вработените велат дека платите им биле ветени веднаш по отворањето на стечајната постапка, но до денеска парите не ги добиле. Предупредуваат дека ќе продолжат со протести се додека не им се исполнат барањата.
Привремениот стечаен управник Мирослав Анастасиевски апелира до вработените да биле трпеливи и да не подлегнувале на шпекулации и манипулации, и дека нивните права ќе биле заштитени согласно Законот.
Банките доверители тврдат дека исплатата на плати главно зависи од самите инвеститори. Имаат рок до утре да го потпишат Меморандумот за разбирање. Информираат дека веднаш по носењето на одлуката на Судот во Велес за отворање на стечајна постапка, доставиле предлог услови за склучување Меморандум за разбирање до неколку потенцијални инвеститори, кои до овој момент покажаа интерес за „ФЕНИ. Овие предлог-услови се доставени и до конзорциум во кој учествува и Енекод.

За ситуацијата со банките и кавадаречкиот комбинат сопственичката на бугарската фирма ЕНЕКОД, Нели Беширова обвини дека петмина луѓе ја играат целата блокада со Фени. Таа истакна дека никаде во светот како во Македонија банките не може да блокираат инвестиции. Сопственичката на ЕНЕКОД вели дека неколку пати дала понуда за  Фени, но банките ја одбивале. За стечајот на Фени  таа ги обвинува банкарите и македонските бизнисмени, кои според неа спроведуваат најцрна реклама за да ја спречат да го врати Фени во нормала.