Економија

СДСМ на сила сака да го усвои буџетот за наредната година во собранието

Претседателката на Комисијата, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска, 6 дена ја одложуваше седницата на која треба да се расправа за буџетот.

05.12.2017 15:00:01
 СДСМ на сила сака да го усвои буџетот за наредната година во собранието. По 6 дена одложување, СДСМ најде начин токму денеска кога 6-те пратеници осомничени за настаните од 27 април се на распит во Кривичниот суд и се одлучува за нивен притвор да ја продолжи седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет. 

Претседателката на Комисијата, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска, 6 дена ја одложуваше седницата на која треба да се расправа за буџетот. Така беше и денеска, но СДСМ успеа да издејствува продолжение на седницата преку претседателот на Собранието Талат Џафери кој се повика на Деловникот и ја закажа за денеска во 13 часот. Тој исто така го определи досегашниот потпретседател на Комисијата, Васко Ковачевски, од редовите на СДСМ да раководи со неа. Причината за ваквиот потег, Џафери ја оправдува со рокот од 10 работни дена за претрес по предлог Буџетот кој почна да тече од минатиот понеделник. Ковачевски, пак, денеска, пред почетокот на седницата,  рече дека ако претставниците од ВМРО-ДПМНЕ се појават во салата, тогаш седницата може да ја предводи претседателката Кузмановска.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се појавија на седницата на Комисијата за финансирање и буџет. Ако тие и натаму не се појавуваат, тогаш амандманите поднесени од нив ќе бидат предмет на разгледување од присутните членови на комисијата. Попладнево седницата продолжи како ништо претходно да не се случило. Членовите дебатираа околу новиот рекордно тежок буџет за наредната година.

Инаку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА за предлог буџетот за 2018-та предложија 279 амандмани. По завршување на расправата во матичната комисија, предлог-буџетот се става на пленарна седница каде треба да се расправа 5 работни дена.

Тања Попова