Економија

Земјоделците ќе плаќаат персонален данок за приходи од продажба на сопствени производи

Најновите предложени измени во Законот за персонален данок на доход предвидуваат тие да не плаќаат персоналец на паушално утврден приход, туку да се одданочуваат со персонален данок на точно пресметани приходи.

17.11.2017 17:53:28
Владата најде начин како да собере повеќе пари од даноци и тоа од земјоделците.  Најновите предложени измени во Законот за персонален данок на доход предвидуваат тие да не плаќаат персоналец на паушално утврден приход, туку да се одданочуваат со персонален данок на точно пресметани приходи. Оние со вкупни приходи до 300 илјади денари ќе бидат најпогодени, бидејќи досега беа ослободени од одданочување. 

Законот ќе предвидува наместо земјоделците со вкупни приходи над 1.300,000 денари  да се регистрираат за вршење дејност, сега  таа обврска да  ја имаат оние со вкупни приходи над еден милион денари. Тие треба да се регистрираат најдоцна до 15 јануари наредната година. Од Министерството за финансии велат дека  со цел да се олесни плаќањето на персоналниот данок за оваа категорија лица, за оние кои во текот на годината ќе остварат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на правни лица до 1.000.000 денари, за нив откупувачите да го пресметаат и да го платат данокот. Тоа значи дека товарот главно ќе падне на откупните компании.  Сепак, основата  за пресметка на данокот ќе бидат 20% од оставрените приходи, бидејќи земјоделците имаат право на признавање на нормирани трошоци во висина од 80 отсто. Министерот за финансии Тевдовски вели дека Македонија мора да ја подобри наплатата на сите даноци.

Земјоделците кои остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на други физички лица надвор од зелени пазари, да поднесат пресметка за аконтација на данокот до УЈП до 10-ти секој месец за приходите од претходниот месец. Откако УЈП ќе им ја одобри пресметката ќе треба да платат данок до 15-ти во месецот.
Единствени кои ќе куртулат од новите измени се тезгаџиите на зелените пазари. Тие како и досега ќе останат паушално да се одданочуваат.