Свет

Трамп: Мојата азиската турнеја беше извонредно успешна

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја заврши својата прва азиска турнеја за која оцени дека поминала одлично, со голем број успешни трговски зделки и нови пријателства.

14.11.2017 19:17:35

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја заврши својата прва азиска турнеја за која оцени дека поминала одлично, со голем број успешни трговски зделки и нови пријателства. 

Трамп воедно најави дека по враќањето во САД ќе даде „значајна изјава“ за јавноста, поттикнувајќи шпекулации дека американската Администрација ќе почне истрага за контактите на неговата демократска противкандидатка на ланските избори Хилари Клинтон со руски компании.

- Турнејата беше извонредно успешна, и завршивме извонредно голема работа. Ќе видите дека овие земји во иднина ќе се однесуваат поинаку кон нас, изјави Трамп, кој денеска ненајавено даде изјава за новинарите пред заминувањето од филипинскиот главен град Манила, кој беше последна етапа на неговата турнеја во која ги посети и Јапонија, Јужна Кореја, Кина и Виетнам.

Трамп изјави дека американски компании потпишале трговски зделки вредни 300 милијарди долари, како и дека биле договорени поголем број инвестиции. - За кусо време ќе видиме тројно повеќе инвестиции, изјави Трамп.

Тој истакна дека само со Виетнам била потпишана зделка за набавка на авиони „Боинг“ вредна 12 милијарди долари, кои Виетнамците првично планирале да ги купат од друго место, но по средбите на највисоко ниво го смениле ставот.

Трамп изјави дека во иднина САД ќе имаат фер трговски односи со азиските држави, обвинувајќи ги претходните американски администрации дека дозволиле огромен дефицит до 300 милијарди долари во размената со Кина.

- Секаде бев пречекан на црвен килим, како никој досега. Тоа беше голем израз на почит, можеби донекаде почит за мене, но секако почит кон нашата земја, изјави Трамп за турнејата.

Трамп рече дека Кина, Јапонија и Јужна Кореја покажале одличен став кон севернокорејските закани со нуклеарно и ракетно оружје.

 

Тој имаше неколку разговори и со рускиот претседател Владимир Путин, но по средбите се пожали дека притисокот на кој е изложен од домашните политички фактори во врска со Русија спречува целосно да се искористи потенцијалот Москва да помогне во решавање на кризите во Северна Кореја, Сирија и Украина.