Македонија

Битолските сточари со стар пазар и стари проблеми

Ако минатата година сточарите од Пелагонискиот регион директно не ги почуствуваа последиците од појавата на ``јазлеста кожа``, сепак нарушувањата во трговијата со стоката и воопшто проблемите со сточарството, силно се почуствуваа.

14.11.2017 15:18:02
 Ако минатата година сточарите од Пелагонискиот регион директно не ги почуствуваа последиците од појавата на ``јазлеста кожа``, сепак нарушувањата во трговијата со стоката и воопшто проблемите со сточарството, силно се почуствуваа. Проблемите можат да се видат и сега. Репортерската екипа на АЛФА ТВ денеска го посети Добиточниот пазар во Битола за да се осети расположението на сточарите.

Во Добиточниот пазар во Битола, денеска вриеше како во кошница. Сепак, многу мина излегоа незадоволни, кој од цените, кој од условите во пазарот што владеат, но на крај, сточарството си има сериозни проблеми. Многумина се пожалија на цените, други дека не оди продажбата, трети дека годинава нема доволно добиточна храна. А се продаваше с`е- од говеда, до овци, кози, свињи, живина, па дури и коњи.

-Очекувам да се продадаѕ, цената е 130 денари- рече жител од с. Долно Оризари.

- Јас сакам повеќе, ама немам муштерии- рече неговиот сосед.

- Педесет евра е едно теле. Не се исплаќа, оти пред некое време беа по сто евра- рече млад сточар од с. Меџитлија.- цената е многу ниска на стоката, млекото е беспари, стоката бес пари и нема кој да ја земе- рече сточар од с. Долно Оризари.

- Нема исплатливост и сите гледаме да се ослободиме, ама сега нема ниту куѕпци- рече сточар ос с. Канатларци прилепско.- Храната ја има помалце оваа година, се знае- рече неговиот сосед.

Покрај проблемите на сточарите, една од најгорливите состојби  е и стариот и руиниран пазар. 

- Не ме бендисува што нема никаков распоред и човек не може ниту да паркира ниту да застане- рече еден од сточарите.- нема услови во пазарот, јас од кога знам е истиот, не е ништо променето- рече другиот.- Гледајте како личат пазарите на ништо- рече сточар од с. Житоше.

Идеата за дислоцирање и изградба на нов добиточен пазар, беше  тема и во предизборието.
- Треба да се дислоцира, односно да добиеме пазар со  најсовремени услови и кој би бил на општо добро и на граѓаните на Општината Битола кои живеат околу, исто така и на самите сточари и одгледувачи на добиток- рече Сашо Стаматов, директор на ЈП ``Пазари`` во Битола.

Денеска во Битола, во занесот на ценовни пазарења, утовар и растовар на стоката, нејзино вагање на кантар, сточарите некако останаа рамнодушни кон објективот на телевизиската камера. Дури и не споменаа ниту субвенции или денешниот верски празник ``Свети Врачи``. Очигледно, старите проблеми се уште им тежат врз нивните плеќи.

Петар Стефановски