Балкан

Силно невреме во целиот регион - од Словенија до Грција

Целиот Балкански полуостров е зафатен од големо невреме.

14.11.2017 15:20:40
 Целиот Балкански полуостров е зафатен од големо невреме. Во Сараево веќе падна првиот снег, кој предизвика проблеми во сообраќајот, а во наредните денови метеоролозите предупредуваат дека се очекуваат и посилни врнежи. 

  Во поголемиот дел на БиХ е издаден „жолт“ метео-аларм а висината на снежната покривка засега изнесува меѓу 5 и 15 сантиметри. Европската мрежа на метеоролошки сервиси објави„црвен“ метео-аларм за цела територија на Црна Гора поради поројните дождови кои се очекуваат во наредните денови како и силни ветрови и грмотевици. Невремето не ја заобиколи ни Словенија.  

 Првиот посилен снег кој го зафати поголемиот дел на оваа земја предизвика проблеми во сообраќајот, посебно на автопатот од Љубљана кон Копер. Поради силната бура регистриран е дефект на електричната мрежа на подрачјето на словенечкиот брег, каде без струја останале неколку илјади потрошувачи. Снег ја зафати и Хрватска. 

 Влажните и лизгави коловози прават проблеми на патиштата во внатрешноста, а снежна бура создава проблеми во сообраќајот во крајбрежните подрачја. 


 Поради силните ветрови затворени се и бродските линии на Јадранот. Во Србија пак, е претежно облачно и многу ладно време, повремено со дождови. На повисоките планини во југозападниот дел од земјата се очекуваат снежни врнежи. Во Грција ураганот наречен „Евридика" го погоди островот Сими. 

  Како резултат на лошите временски услови предизвикани од поројните дождови и грмотевици, надојдените води однесоа десетици автомобили во морето, а калта ги преплави улиците. На островот пристигна противпожарната служба и крајбрежната стража, за да ги расчистуваат патиштата и да ја испумпаат водата. Грчките метеоролози предупредија дека лошото време ќе трае до петок, а особено ќе бидат на удар реонот на Тесалија и северниот дел од земјата.


Бисера Ловачева