Економија

Задолжување на домашниот и странскиот пазар за речиси една милијарда евра

Дали државата ќе се задолжи со еврообврзница ќе зависи од каматата која може да се добие. Министерот за финансии Тевдовски објаснува дека сега се прават анализи, но се уште не се знае дали, кога и на кој износ ќе гласи потенцијалната еврообврзница.

13.11.2017 18:17:49
Дали државата ќе се задолжи со еврообврзница ќе зависи од каматата која може да се добие.  Министерот за финансии Тевдовски објаснува дека сега се прават анализи, но се уште не се знае дали, кога и на кој износ ќе гласи потенцијалната еврообврзница. 

Во предлог буџетот стои дека земјава догодина максимум може да се задолжи 288 милиони евра на домашниот и 566  милиони евра на странскиот пазар или вкупно енормни 850 милиони евра. Земјава догодина ќе треба да враќа 170 милиони евра долгови кон странство, од кои само во јануари 95 милиони евра. 

Обврските на домашниот пазар изнесуваат 200 милиони евра, а ќе треба да се покрива и буџетскиот дефицит од 295 милиони евра. Во моментов Македонија може да очекува камата од над 4%. Во претходниот период на домашниот пазар, Владата се задолжуваше од 1.7% до 3.80 отсто зависно од рочноста на хартиите од вредност. 

Предлог буџетот за 2018-та е историски најголем досега со вкупни расходи од 3,44 милијарди евра и вкупни приходи од 3,14 милијарди евра, што е пораст од 4.1, односно 4.7%. Владата реши да ја зголеми акцизата за 3 денари и по тој основ да прибере дополнителни 26 милиони евра на грбот на граѓаните и фирмите. Планирано е да се соберат за 7 и пол проценти повеќе приходи од даноци, за 5% повеќе придонеси и за  5.4 отсто повеќе неданочни приходи. Од друга страна, за 22.2%  ќе се соберат помалку капитални приходи каде што спаѓа дивидендата од Телеком, а ќе се приберат за дури една третина помалку донации од лани. 

Најголем дел или една третина од буџетот ќе се потроши за социјални трансфери. Дополнителни 35 милиони евра догодина или вкупно половина милијарда евра ќе отидат за пополнување на дупката во државниот пензиски фонд за исплата на пензии.Од друга страна, освен штедењето кај ставката стоки и услуги, вкупните тековни расходи се зголемуваат за 4%. Плаќањата за камати ќе бидат повисоки за 5.7 отсто, а поради зголемувањето на платите во армијата, здравството и образованието расходите за плати ќе бидат поголеми за 1.8%. 

Се дуплираат парите за привремени вработувања од 674 илјади евра на 1.3 милиони евра. Укинувањето на радиодифузната такса значеше минус 190 денари месечно за граѓаните, но од друга страна преку даноците ќе значи плус 19 милиони евра за радиодифузна дејност. Помалку пари ќе се потрошат и за привлекување странски инвестиции. Агенцијата ќе добие 3 и пол милиони евра помалку, а Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот минус 250 илјади евра.


Тања Попова